АКТО – „Час по природа и општество“ од 9 до 11 август

Осмото по ред издание на АКТО – фестивалот за современи уметности годинава ќе се одржува во периодот од 9 до 11 август, во Битола, како дел од Битолско културно лето, Битфест 2013.

Темата на годинешното издание е „Час по природа и општество“ во чии рамки ќе може да се проследи кураторскиот проект насловен ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ, АРХИВИ НА ГРАЃАНСКАТА НЕПОСЛУШНОСТ на Ивана Васева, Филип Јовановски и Јованка Попова.

Се работи за долгорочен кураторски проект кој подразбира процес на собирање и дистрибуирање на литература која се однесува на граѓанска партиципативност, активност и реакција по пат на донации од индивидуалци, претставници на невладиниот сектор и организации и здруженија кои се согласни да делуваат во насока на градењето на отворено и современо демократско општество.

АКТО е регионален фестивал за современи уметности, кој вклучува визуелни уметности, изведувачки уметности, музика и теорија на култура. Фестивалот се организира од 2006 и тој се наметна како сериозен актер во промоција и продукција на нови форми на влијание врз граѓанската свест и влијание, како локално така и во регионот. Главната цел на Акто фестивалот е да ги отвори културните рамки на современото општество преку нивно повторно компонирање и дефинирање во нов контекст.

Програмата на фестивалот се базира врз два концепти: тематски и просторен. Главната идеја на фестивалот е делата да излезат од нивните стандардни локации (галерии, музеи, театри) коишто се користат за нивна презентација и да се претстават во нови (физички) простори. АКТО фестивалот до сега соработувал во партнерски пректи со неколку организации од регионот реализирајќи 7 изданија, со учество на околу 200 уметници, претставени преку голем број на изложби, конференции,настани.

Извор: Cooltura.mk