Активистот Александар Донев: Против загадувањето на иста маса да седнат градоначалници, експерти и здруженија

По Коце Трајановски, Андреј Жерновски, Ивица Коневски, иницијативата на граѓани револтирани од загадувањето продолжи на #ПрвоКафеКајСтевче, кај градоначалникот на Карпош. Во понеделник иницијативата оди до Општина Кисела Вода на #ПрвоКафеКајБеличанец, а активистот Александар Донев за Радио МОФ нагласува дека проблемот е алармантен и треба да се третира во соработка со сите надлежни институции и на највисоко ниво.

„Оваа иницијатива е многу спонтана, испровоцирана од енормното загадување кое минатиот викенд достигна над 1.200 микрограми ПМ10 честички на метар кубен. Јане Димески на ’Фејсбук’ пиша ’Ајде да се собереме кај Коце’. Кога отидовме таму во 9 часот, имаше пристигнато медиуми, а јас довикнав на градоначалникот ’ајде викнете не’ на кафе’. И така започна #НаКафеКај… Идејата е секој ден да се седнеме на дискусија кај различен градоначалник. Но, одиме со друга поширока цел. Тоа што градоначалниците не превземале долго време за загадувањето е една работа, потребна е и граѓанска иницијатива и притисок, меѓутоа сега го имаме моментумот. На сите главно објаснувањето е дека ’немаме ингеренции’ и цело време си ја префрлаат топката од еден на друг, или до министерствата… Уочуваме дека и тие самите отворено го критикуваат тој концепт, па потребни се темелни разговори, законски измени и сл.“, вели Донев, кој заедно со Јане Димески и Александра Теменугова се движечка сила на оваа иницијатива.

Донев вели лично дека не е некој експерт на поле на загадување, туку загрижен граѓанин и активист, но идејата е да ги спојат сите градоначалници и институции во еден вид форум, каде што во работни групи ќе  присуствуваат и експерти и здруженија кои се занимаваат со оваа тематика.

„На округла маса би се соочиле, да нема префрлање на надлежности, да се увидат мерките кои треба да се превземат, притоа да се донесе и потпише стратегија на највисоко државно ниво, за да нема избегување на зацртаното. Мора да го искористиме моментумов, да се направи тоа во наредниов период, бидејќи ако не го направиме сега, ќе се пролонгира повторно за наредната година. На пролет-лето скоро никој не се интересира за проблемов, иако и тогаш е загадено, само не до волку. Плус, сега доаѓаат и локални избори, може да се искористи и тој момент во интерес на граѓаните“, наведува Донев.

Веќе неколку години постои мултисекторска група со претставници од министерствата за здравство, животна средина, за внатрешни работи, од Институтот за јавно здравје, инспекторатите, од Градот Скопје… Но, според досегашните искуства, проблемот е што оваа група се состанува единствено кога ќе почне грејна сезона, кога ќе почне да притиска јавноста и веќе насекаде да се шири неподнослива смрдеа на запалено и хемикалии. Од Институтот за јавно здравје се пожалија и дека дури имаат и отсуства на средбите поради „други обврски на претставниците и учество на самити“.

Донев смета дека од сето тоа произлегуваат само популистички мерки без ефект од типот на „бесплатно возење со автобуси“.

„Затоа идејата е да ги споиме со институциите и граѓанските иницијатива и здруженија, кои се активни за проблемите со загадувањето, но сите некако работат на свои страни, дисперзирано. Треба да се спојат сите заедно, бидејќи не гледам друг начин на да реши овој проблем“, констатира Донев.

Б.Ш.