Активистки на Шарена револуција: Притисоци доаѓаат од секаде, но нема да нè заплашат

Борбата за слобода има висока цена, покажуваат приказните на Јасмина Дуриќ и Елена Николовска. Тие од самиот почеток ја поддржуваат Шарената револуција, а тоа го платија со пониска работна позиција и како што велат, секојдневни притисоци од своите колеги и претпоставени.

Дуриќ е една од најистакнатите активистки кои протестираа во првите редови откако претседателот Ѓорге Иванов потпиша аболиција за политичари кои се под истрага за сторени кривични дела, во мај годинава. Таа вели дека храбро излегла да протестира, но дека сега ги сноси последиците од својот активизам на професионално и приватно поле. Како вработена во Армијата на Р. Македонија, Дуриќ беше прекомандувана во Кичево.

„Станувам во пет, го фаќам автобусот десет до шест кај надвозникот кај Бит пазар, а се враќам дома некаде шест часот попладне. Тоа се 12 часа изгубено време, четири од нив во пат и осум часа работа, бидејќи беше очигледно дека службата немаше толку силна потреба од мене да се најдам таму. Морам да кажам дека ги потценив притисоците на владејачката партија и на нејзиното членство. Мислев дека тука ќе се сведе нивниот реваншизам, но притисоците продолжија и на вертикално ниво, односно од колегите. Голем дел од нив не смеат да се поздрават со мене“, раскажува Дуриќ.

Таа сега работи во кујна, а кратко откако била прекомандувана добила и дисциплинска казна поради нарушување на угледот на Армијата.

„Го прифатив и тоа, но потоа следуваа притисоци во смисла дека ми ја блокираа картичката за влез и излез од воените простории во министерството, ми го блокираа службениот телефон којшто го користев три години, а државата ја чинеше месечно 200 денари, со порака од колешката која го води тој сектор – извини, наредено ми е да ти го исклучам телефонот – но кој наредил и зошто, мене стварно не ми е јасно“, вели оваа активистка.

Таа се уште нема право на годишен одмор, а нема право ниту на неплатен одмор од три месеци, иако како што вели, сите потребни документи уредно ги поднесувала, но службите одбивале да ги заверат.

„После поплавите, после земјотресите, после сето ова што ни се случи, јас нема право да користам годишен одмор“, рече Дуриќ.

Но, според неа, најболно е недостигот на поддршка од своите колеги и нивнот страв да комуницираат со неа.

„Дел од нив ми кажаа дека се плашат јавно да ми дадат поддршка, да ми стават „лајк“ на Фејсбук објава, што е голем показател за тоа каде се наоѓаме и колку луѓето се храбри да поддржат некој што гори во оган, додека и тие се во иста ситуација на некој начин“, подвлече Дуриќ.

Иста судбина имала и Николовска, сопруга и мајка на две мали деца, која десет години работела како државен службеник во Министерството за труд и социјална политика, за што смета дека завршила добра работа.

„Сметам дека завршив навистина добра работа со оглед на целата неспособност на којашто наидував во државната администрација, на целата неекипираност и непрофесионалност, со поединечни позитивни примери, кои се апсолутно недоволни за непречено да ја завршите својата работа“, вели Николовска, која нагласи дека клучно за неа да излезе на улиците биле т.н. опозициски „бомби“.

„После тоа што го слушнав едноставно отидов. Треба да сте човек-глушец, или пак, потплатен да не реагирате човечки кога ќе слушнете такво нешто“, забележа таа.

Нејзината голгота на работа започнала по оставката на министерката Фросина Ременски, по што и врачиле решение за прераспредела во друг оддел.

„Не се работеше за уназадување, бидејќи немаше каде. Да објаснам, јас на синџирот на исхрана на државната управа сум планктон. Тоа ви е со високо образование најниското скалило, десет години. Но, мене мотивот не ми е да се бунам и да бидам гласна, и да критикувам и да го кажувам јавно своето мислење затоа што не сум била унапредена. Тоа е најмалку важно. Има многу квалитетни луѓе во државна администрација коишто не само што не биле унапредувани, туку биле и малтретирани, но воопшто немале храброст тоа јавно да го кажат и затоа оваа вечер ја користам во нивно име да зборувам“, рече Николовска.

Таа и покрај тоа што го барала основот за решението, не добила никакво образложение од претпоставените. Николовска вели дека најмногу што почувствувала е психолошки притисок од своите колеги со зборовите „ќути, може да биде и полошо“.

„Во тој момент бев многу осамена и како мајка на две мали деца, искрено се исплашив дека навистина може да биде и полошо од тоа“, рече таа, нагласувајќи дека во последните неколку години била сведок на вработувања по партиска линија.

Николовска и Дуриќ синоќа беа дел од дискусијата насловена „Што изгубив за слободата“, која се одржуваше во Младинскиот културен центар и имаше за цел да ги претставни нивните приказни  за тоа како  борејќи се за слобода и за подобро утре, активистите често го губат своето работно место.

На дискусијата присуствуваше и Трпе Дејановски, Генерален секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудство и правосудните органи на Р. Македонија (УПОЗ), кој вели дека прво нешто што треба да се направи во вакви случаи, е работниците да се обратат до Народниот правобранител, или до адвокат кој ќе може да ги заштити вашите права.

„За жал, кај нас таков е системот, и сите оние повреди на правата од работен однос завршуваат на суд. Тоа е последната истанца и судот е оној што последен ќе каже дали ние сме во право, или пак, работодавачот“, рече тој.

Дејановски потсети дека во последните 60 дена судските синдикати штрајкуваат низ целата држава, а дека се познати и како рекордери во овој регион во Европа, бидејќи во 2002 година го имале најдолгиот штрајк кој траел 82 дена. Според него, штрајкувачите постојано се изложени на разни притисоци, кои доаѓаат од работодавачот и политичките партии. Николовски смета дека новите законски измени придонеле државата да има повеќе моќ во казнување на администрацијата.

Сепак, овие активисти велат дека притисоците нема да ги заплашат, туку напротив, тие се сигурни дека ќе продолжат да се борат за подобро утре.

„Не бегајте, не може до бескрај оваа држава да се распаѓа. Борете се, овој дух нема да ни го уништат“, им порача Николовска на младите кои беа присутни во публиката.

Како што најавуваат организаторите, ќе следат уште два настана, од кои едниот е посветен на граѓанските активисти кои поради својот ангажман биле приведени, уапсени или биле во домашен притвор, како и културни работници, кои не добиле средства, простор за изразување, поради нивниот активизам.

Целата дискусија може да ја погледнете во видеото во продолжение: