Активистки ќе испратат дрон со таблети за абортус за жените во Полска

Жените кои сакаат да абортираат во земја каде тоа е нелегално се обидуваат да најдат начини за да го заобиколат законот. Во Полска, наскоро еден од тие начини ќе биде примање таблети за абортус преку беспилотно летало, дрон.

Лечењето на абортус со таблети, или како што е попознато во медицината – „медикаментозен абортус“ е еден од методите за спречување на бременоста, но без хируршка интервенција. Активистите сметале дека ова е попрактично, па преку дрон во сабота ќе ги испратат потребните лекарства. Дронот тежок речиси пет килограми ќе лета еден километар до полскиот град Слубице.

Настанот претставува симболичен гест за да го привлече вниманието кон законите за абортус во Полска. Жените во оваа земја можат да имаат абортус само ако се силувани или при инцест, кога животот на жената е во опасност или ако постои „потенцијална штета“ за фетусот, велат од организацијата за женски права „Women on Waves“, вклучена во кампањата со дронот.

„Дронот кој ќе пренесува таблети за абортус ќе ја одбележи различната реалност на жените од Полска за пристапот до безбеден абортус во споредба со другите жени во Европа. Во речиси сите земји во Европа абортусот е легален, освен во Полска, Ирска и Малта абортусот е нелегален и правата на жените се уште се кршат“, сметаат од организацијата.

Добротворната холандска организација „Women on Waves“ обезбедува контрацепција и услуги за абортус за жените кои не би можеле да ги добијат на друг начин, додека се на брод кој престојува во интернационални води, така што не е предмет на локалните закони.

Покрај оваа кампања, организацијата побара „непристрасно“ сексуално образование и лесен пристап до сите облици на контрацепција во Полска. Тие велат дека жените во Полска, патуваат со автомобил до Германија за да имаат абортус со лекарства, бидејќи таму постапката е легална и не се кривично одговорни. Сепак, лекарите кои им помогнале да ја прекинат бременоста можат да бидат обвинети за кривично дело.

Беспилотното летало ќе носи мифепристон и мисопростол, кои предизвикуваат абортус и ги има истите физички ефекти како спонтаниот абортус. Таблетите се користат за да ја прекинат бременоста до девет недели.

Светската здравствена организација пак, соопшти дека неколку источноевропски земји, вклучувајќи ја и Полска, имаат највисока стапка на абортуси во светот.