Активистката Наргес Мохамади од Иран е добитничка на Нобеловата награда за мир

„Жени, живот, слобода“, со овие зборови започна пресконференцијата на која беше соопштено дека иранската активистка Наргес Мохамади е добитничка на Нобеловата награда за мир за 2023 година.

Нобеловиот комитет одлучи да ја додели наградата на Мохамади поради „нејзината борба против репресијата на жените во Иран и нејзината борба за промоција на човековите права и слобода за сите“.

Наргес Мохамади, која е родена во 1972 година е активистка за човекови права во Иран и потпретседателка на Центарот за одбрана на човекови права. Поради нејзиниот активизам таа била уапсена вкупно 13 пати од властите во Иран, осудена пет пати, со вкупна казна од 31 години затвор, како и 154 удари со камшик. Мохамади во моментов и понатаму се наоѓа во затвор.

„Поради нејзиниот активизам против смртната казна Мохамади беше повторно приведена во 2015 година и осудена на дополнителна затворска казна. По нејзиното враќање зад решетки, таа започна да се спротивставува на систематското користење на тортура и сексуално насилство од режимот врз политичките затвореници, особено жени, што е пракса во иранските затвори. Минатогодишниот бран протести дојде како информација и до политичките затвореници во озлогласениот затвор Евин во Техеран. Госпоѓата Мохамади повторно презеде лидерство. Од затворот таа изрази поддршка на демонстрациите и организираше солидарни акции помеѓу другите затворенички. Затворските власти одговорија со уште построги услови. Мохамади доби забрана да прима повици и посетители, но сепак таа успеа некако да испрати текст кој Њујорк Тајмс го објави на првата годишнина од убиството на Махша Џина Амини. Пораката беше: „Колку повеќе не затвораат, толку посилни стануваме“. Од заробеништво, Мохамади помогна протестите да не згаснат“, стои во образложението на Нобеловиот комитет.

„Наргес Мохамади е жена, адвокат за човековите права и борец за слобода. Во доделувањето на овогодишната Нобелова награда за мир, Норвешкиот Нобелов комитет сака да оддаде признание на нејзината храбра борба за човековите права, слободата и демократијата во Иран. Оваа година Нобеловата награда дава признание и на стотиците илјади луѓе, кои, претходните години демонстрираа против дискриминаторските политики на теократскиот режим насочени против жените. Само преку прифаќање на еднакви права за сите можеме во светот да оствариме братство меѓу нациите кои Алфрен Нобел сакаше да го промовира“, додаваат од Нобеловиот комитет.

Мохамади досега е добитничка на десетици признанија и награди поврзани со нејзиниот активизам и заштита на човековите права, а во 2022 година се најде на листата на 100 највлијателни жени во светот според Би-Би-Си.

За оваа 2023 година претходно беа доделени уште четири Нобелови награди, за медицина. физикахемија и литература. Останува уште во понеделник да се додели Нобеловата награда за економија.