Активистката Моника Ристеска доби две години условна казна

Активистката за легализација на канабисот, Моника Ристеска, од денеска е на слобота, откако на првото судско рочиште доби две години условна казна за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Ристеска призна вина, посочи дека се кае и вети нема повторно да го стори кривичното дело или друго кривично. Условната казна од 2 години затвор ќе ѝ се изрече  доколку во наредните 5 години таа стори друго кривично дело, пишува Макфакс.

„Се чуствувам виновна за делото што ми се става на товар. Точно е она што е наведено во обвинителниот акт. Во перидот од 2017-2018 година неовластено држев и продавав марихуана и хашиш смола, на начин како што е наведено во обвинението. Премногу се каам за тоа што го направив. Се заколнувам и ветувам дека никогаш нема да го направам истото и да сторам вакво кривично дело. Се каам од дното на моето срце и душа за делата што сум ги сторила. Најмногу сакам да се извинам на државните институции, а најмногу на судот, на ЈО, на полицијата, на моето семејство и сите мои мили сограѓани кои се почувствувале трогнати поради моите непромислени вулгарни постапки“, изјави Ристеска.

На активистката за легализација на марихуаната, Моника Ристеска, во октомври ѝ беше определена мерка притвор во траење од 30 дена.