Активистката Грета Тунберг доби награда од милион евра, целата сума ќе ја донира на еколошки организации

Младата активистка Грета Тунберг соопшти дека целата сума од еден милион евра од наградата за хуманост која и ја додели португалската фондација „Гулбенкијан“, ќе ја донира на здруженија за заштита на животната средина, пренесува српски „Данас“.

„Тоа е повеќе пари од тоа што можам и да го замислам, но сите пари од таа награда преку мојата фондација ќе бидат распределени по разни организации и проекти кои им помагаат на луѓето во борба против климатската и еколошката криза, посебно на југот на планетата“, рече 17-годишната активистка во видео објавено на нејзиниот Твитер профил.

За почеток, 100.000 евра ќе бидат донирани на „СОС Амазонија“, бразилскиот огранок на „Петоци за иднината“. Иста сума ќе биде доделена и на фондацијата „Стоп Екоцид“, чија цел е да се пропише екоцидот како казниво дело во меѓународното судство, рече Тунберг.

Сумата од еден милион евра е најголемата што досега ја добила Тунберг. Таа е позната по движењето „Петоци за иднината“, односно младинските демонстрации за климата, уште од 2018 година.

Наградата „Гулбенкијан“ за хуманост, која се доделува секоја година, е најновата награда со најголема наградна сума на португалската фондација „Калуст Гулбенкијан“.

Целта е да се оддаде признание на поединци, групи или организации ширум светот, чии придонеси за ублажување и прилагодување на климатските промени се издвојуваат преку иновации и влијаение, се наведува во соопштението на фондацијата.