Еко активистите од денеска почнаа да патролираат на Водно за да следат дали багерите без дозвола ја расчистуваат трасата за изградба на новиот гасовод, вицепремиерот Кочо Анѓушев пак од Влада повтори дека за гасоводот има дадено регуларна градежна дозвола, земен е кредит и потпишани се договори со изведувачи.
„Станува збор за проект среде имплементација и секоја промена ќе значи одолжување на градбата на гасоводот и дополнително сечење на шума за греење на граѓаните“, рече вицепремиерот Анѓушев, одговарајќи на прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Тој побара да се донесе разумно решение и кажа дека ги поддржува невладините организации кои се загрижени за Водно, како и дека се на иста страна со нив. Затоа, посочи, со нив бил на Водно за да ја види трасата на гасоводот.
„Се ангажирав заедно со раководството на МЕР трасата да биде максимално променета во насока да се минимизира нарушувањето на животната средина на Водно. Со таа акција за 50 од 60 проценти се намали сечењето на шумата на Водно. Ценам дека се направи максимален напор за да се намали било какво нарушување на животната средина, а при тоа Владата ќе земе обврска за секое исечено дрво да засади 10 и да ја анулира штетата на начин што ќе прогласи други заштитени подрачја во тој регион“, потенцираше Анѓушев.
Од иницијативата „Го сакам Водно“ пак велат дека и работната група од Влада која со нив се прошета на Водно увидела дека избраната траса не е со најмала штета по животната средина, но и дека постапката за издавање градежна дозвола е нелегитимна и дека треба да се повтори. Тие беа револтирани што градежната механизација, како што велат, без дозвола минатата недела ја забележале како работи на старата траса на гасоводот.
Денеска, информираа, две нивни екипи биле на сртот и не се забележани нови градежни активности. За Радио МОФ велат дека ако повторно багерите проработат, тогаш ќе го активираат живиот штит.
„Не сме против гасоводот, но тоа што ќе го ископаат Водно не е решение“, велат од иницијативата.
Појаснуваат дека со оглад на тоа што се уште не се средени обврските со секундарната мрежа, брзањето за изградба на гасоводот на Водно нема да го забрза и пристигнувањето на гасот до домовите на граѓаните. Затоа и најавија дека ќе патролираат во Парк шумата, се додека „не се запре со лудилото на Водно“.