Активистите од „Дуња“ вечерва делеа храна на луѓето низ Скопје

Активисти од Социјалниот центар Дуња, вечерва на повеќе локации во центарот на Скопје, на Бит пазар, Железничката станица и околината делеа храна на оние на кои им е најпотребно.

Преку социјалните мрежи, објавија повик преостанатата храна од божиќните празници да се донира во просториите на центарот во текот на денот.

Вечерва тие ја донесоа до граѓаните кои се на улица.

„Денес сме излезени тука да поделиме храна, готови јадења, припремени порции и други работи, за да им покажеме на луѓето што немаат што да јадат за време на празниците дека не се заборавени.

Додека има луѓе што седат дома на полни, топли трпезарии и за време на божиќната вечера имаат што да јадат, некои седат на улиците и се мрзнат и немаат што да јадат. Затоа сме излезени тука да им помогнеме и да им кажеме дека не се заборавени”, изјави Коста Барсов за Радио МОФ.

На повикот за донирање храна велат дека се приклучиле повеќе граѓани. Информираат дека донација пристигнала и од три коледарчиња кои го донирале тоа што го собрале вчера – на коледе.

Мартин Колоски