Нов упад на Гринпис во француска нуклеарна централа

Шеесетина членови на Гринпис од над 14 националности утрово влегоа во нуклеарната централа Фесенајм во источна Франција, јави Ројтерс. Надлежните засега не го коментираат настанот.

Ова е најстарата нуклеарна централа во Франција, а со упадот Гринпис сака да го привлече вниманието на ризиците од француските нуклеарни централи за цела Европа како и да ја потсети француската Влада да го одржи своето ветување за затворање на централата и за потребата од вистинска енергетска транзиција во земјата.

Активистите на Гринпис во Фесенајм ја покажаа паролата на која беше напишано „Запрете да ја ставете Европа во опасност“, закачувајќи ја до реакторт број 1 каде се искачија десетина членови на Гринпис.

Во брзата интервенција француската жандармерија уапси дваесетина членови на Гринпис, а како што тврдат од Министерството за внатрешни работи „во ниту еден момент не бил загрозен интегритетот на централата“.

Претседателот Грансоа Оланд вети дека ќе ја затвори централата до 2016 година, како и дека ќе ја намали на 50 отсто зависноста на Франција од нуклеарна енергија, од сегашните 75 отсто.

„Централата во Фесенајм е симбол“, вели активистот Сирил Кормиер и додава„ Планираното затворање треба да биде почеток на серијата затворања на централи низ Европа“.

Активистите на Гринпис имаат долга историја на упади во нуклеарни централи низ Франција. Минатиот јули 30 од нив беа уапсени при упад во централа во јужна Франција, потсетува Ројтерс. Во продолжение може да го погледнете и видеото од јулскиот упад.