Активисти утре организираат протестен караван против рудникот Иловица – Штука

Актвистите од „Здрава котлина“, „Младите од Иловица – Штука“, „Еко долина“ и поддржувачите утре (26 мај) од 15 часот организираат протестен моторизиран караван против рудникот Иловица-Штука низ улиците на Струмица и населените места во котлината.

Како што најавуваат, караванот ќе се состои од автомобили и мотори кои ќе поминат приближно 60 километри по определена патека, движејќи се во колона со намалена брзина на движење.

„Ова е предупредувачки протест и показна вежба што евентуално би можела да се трансформира во целосна децентрализирана блокада на цел Југоисток во блиска иднина, доколку владата на премиерот Заев не ги уважи законите и јасно изразената воља на граѓаните за стопирање и одземање на истечената концесија за рудникот Иловица-Штука. Знаеме за притисоците врз Владата од Трафигура, новиот сопственик на Еуромакс, но им порачуваме дека ова не е Африка за да можат како таму нечујно да иструјат илјадници луѓе притоа подмитувајќи политичари за да си играме на куклен театар“, стои во повикот за караванот.

Според активистите, сите треба да бидат свесни дека ако нема закони и правда тогаш, како што велат, борбата за живот и анархијата ќе го изгори куклениот театар.

„Апелираме до Владата и премиерот Заев да постапат по законите и да го спречат ова масовно зло што не познава граници во трка за профит“, велат иницијаторите на протестниот караван.

Маршутата започнува кај Агрокор и завршува кај Агрокор.