Активисти со кривична пријава против властите во Пехчево за труење и закопување живи кучиња

Анима Мунди, заедно со Здружение за заштита на животните и животната средина ЕДЕН, Daisy Family Rescue i Helping strays in Ohrid, Macedonia поднеле кривична пријава против непознати сторители од ЈКП Комуналец ПО – Пехчево и Општина Пехчево поради суров однос кон кучиња.

„Постои основано сомнение дека на ден 19.02 и 20.02.2019 година околу пладне во Пехчево, НН лица вработени во ЈКП Комуналец ПО Пехчево со помош на вили и градежна механизација подигнувале од улица, а потоа и затрупувале со земја, живи бездомни и домашни кучиња, кои претходно биле затруени. Од видеоматеријалот во прилог јасно се гледа дека неколку кучиња – домашни миленици и бездомни, собирани со вили, а со помош на градежна механизација се фрлени во дупка и видно грчејќи се во агонија предизвикана од отровот, немаат можност да избегаат, со што се осудени на сурова и мачна смрт“, соопштија од Анима Мунди

Од Здружението велат дека очекуваат темелна истрага и најстрога казна за сите инволвирани во случајот.