Активисти реагираат на „парапетчето“ на Охридско Езеро, градоначалникот вели дека ќе се отстранува

Фотографии со ѕид кој се гради на Охридското Езеро се прошири низ социјалните мрежи и јавноста. Иницијативата Охрид СОС реагира дека вонредната состојба се користи за изградба на „парапетче“ предложено пред повеќе години.

„Дека истата агенда ја тераат и новите коалициони партнери СДСМ и ДУИ е повеќе од очигледно. Кога се во опозиција, делуваат како да се грижат за светското наследство, но чим дојдат на власт веднаш ги прифаќаат практиките на своите претходници. Додуша, ‘интегративците’ се постојано на власт безмалку две децении, така што тие веќе и не се преправаат“, се вели во реакцијата на Охрид СОС.

Активистите потенцираат дека ѕидот се гради практично во езеро.

„Не знаеме кој дал одобрение, кој гради, или зошто. Ги повикуваме инспекциските служби во Општина Охрид веднаш да излезат на терен и да се запре изградбата, а да се санкционираат сторителите. Дополнително, во јавноста, да кажат како може да се случува ова. Зошто вакви работи не се прикажаа во брошурата за една година мандат на Константин Георгиески – градоначалникот на Општина Охрид? Претседателот Стево Пендаровски нека вметне вонредна точка на таа т.н. лидерска средба, па малку да се зборува и за ова, а не само за датуми за избори“, соопштија од Охрид СОС.

По реакциите во јавноста, за изградбата на ѕидот кај авто-кампот „Градиште“ на Фејсбук се јави и градоначалникот Костадиновски, кој тврди дека општинските инспекциски служби на 24 март извршиле увид и составиле записник.

„Согласно законските процедури донесено е решение за отстранување со кое на изведувачот му се дава законскиот рок сам да го отстрани, а доколку тоа не го направи во предвидениот рок, општина Охрид ќе го отстрани на сметка на изведувачот. Ве уверувам дека никој од Локалната самоуправа, а ниту јас лично сме издале или имаме намера да издадеме одобрение за изградба на објекти кои директно влијаат врз загадувањето на Охридското Езеро, или го нарушуваат светското природно и културно наследство“, се вели во соопштението на Костадиновски.

Според Охрид СОС, секој ден со ваков нов пример, велат тие, се потврдува лицемерноста на локалната и централната власт, отсуството на вистинска волја за справување со ваквите девијации.

„Додека козметички дотеруваа во извештајот до УНЕСКО, на терен имаме сосема спротивна практика. Од Радожда до Свети Наум. Благодарение на наши сограѓани, секој ден излегуваат на виделина вашите ‘подвизи’ и вистинското ваше лице. Ве заболе вас за светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. Ве интересира само профит и узурпација, и кој повеќе ќе ви тутне в џеб. Наместо справување со дивоградбите, аминувате да се градат нови“, реагираа активистите.

Инаку, претходната недела Државната комисија за спречување на корупцијата побара од Владата да ги одземе надлежностите на сите општини за уривање на нелегално изградените објекти во охридско-струшкиот регион под заштита на УНЕСКО.

Одлуката на Комисијата е донесена откако утврдиле дека предвидените средства кои ги предвидела Општина Охрид се премалку за оваа намена.

Антикорупциска побара Владата да ги сруши дивоградбите на охридското крајбрежје