Активисти преку сатирично видео реагираат за уличните дупки во Аеродром

Преку сатирично видео насловено „Камел трофи Аеродром 2021“ група активисти реагираат за дупките во одредени делови на Аеродром, каде како што велат граѓаните секојдневно газат прав и кал.

Нивната реакција се однесува особено за улиците „Владимир Комаров“, „Методиј Шарло“ и булеварот АСНОМ, за кои како што посочуваат проблемите се провлекуваат повеќе од четири години.

„Имено иако инвеститорите (овој пат нема да навлегуваме во квалитетот на дуповите и јавниот простор) уредно платиле комуналии кои изнесуваат и по неколку стотици илјади евра за уредување на базичната инфраструктура, Општината Аеродром и после повеќе од 4 години ги нема уредено сервисните улички,  пристапните патеки и паркинг површните иако тоа претставува нивна обврска за која граѓаните платиле и преку комуналиите и преку своите даноци. Се надеваме дека на овој начин преку ова сатирично видео ќе допреме до надлежните и на ваков несекојдневен начин ќе ги презентираме проблемите на граѓаните и ќе ги натераме надлежните да реагираат и да ги решат овие проблеми“, се вели во описот на акцијата.

Во иднина, активистите се надеваат дека Аеродром ќе добие оплеменети урбани површини.

На последните локални избори минатиот месец, Општина Аеродром го доби новиот градоначалник Тимчо Муцунски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој дојде на местото на Златко Марин од СДСМ.