Активисти поставија споменик на заменик градоначалникот на Белград на реновираниот плоштад кој пак се поправа

Иницијативата „Не да(ви)мо Београд“ на реновираниот плоштад во Белград постави споменик на заменик градоначалникот на Белград, Горан Весиќ.

„Овој споменик нека биде опомена дека никогаш повторно нема да дозволиме на чело на Белград да се најде корумпирана политичка елита“, порачаа од иницијативата.

„Доколку не знаеме да се организираме и да го одбраниме нашиот град, спомениците, плоштадите и улиците, тие ќе бидат уништени како што се сега, само уште полошо, а нив ќе ги заменат хероите на ‘напредниот развој’“, изјави Радомир Лазовиќ за „Данас“.

Организаторите велат дека непосредна причина за поставување на споменикот е фактот што на централниот градски плоштад му се потребни поправки, само неколку недели по реконструкцијата.

„Ова не е прв пат градот да поправа тукушто завршени проекти, што јасно говори за квалитетот на нарачаните работи. Потсетуваме дека плоштадот „Славија“ повеќе пати мораше да биде повторно поплочуван и поправан. Но, ова не е единствена причина поради која Горан Весиќ заслужува споменик. Белград денеска е полигон на бројни киднапирања на јавни и природни добра, бројни специјални и овластени проекти кои се над законот, сомнителни зделки наменети заради корумпираните политички елити“, истакнаа од иницијативата.

Како што додаваат, покрај „Београд на води“, тука е и концесијата и изградбата на инсенераторот на депонијата во Винча, прескапата козметичка поправка на потегот од споменикот на Вук до Калемегдан, потполно неоправданата авантура во вид на белградска гондола, мега јарболите или музичките фонтани, кои според финансиското оптеретување на буџетот на градот и републиката, со себе оставаат немерлива штета.