Активистите на иницијативата „РеСтарт“ од Бања Лука, со детска кукла во малечок автомобил, доставија петиција до Владата на Република Српска, со која се бара ограничување на набавката на луксузни службени автомобили од страна на властите.
6.500-те потписи на граѓаните, активистите ги доставија заедно со градските советници од Бања Лука.
„Ќе дадеме рок на Владата на Република Српска од седум дена. Во понеделник, во 16 часот, доколку доколку тие не се изјаснат по нашиот предлог, ќе имаме ново барање – оставка на Владата на чело со премиерката Жељка Цвијановиќ“, изјави Стефан Благиќ од иницијативата „РеСтарт“, пренесува порталот Бука.
Благиќ ја коментирал и изјавата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој најавил дека 10% од цените на автомобилите ќе се одвојуваат во хуманитарен Фонд на солидарност.
„Ние сметаме дека тоа е добра идеја, но само доколку набавките се ограничат на 25 илјади евра. Нема смисла да се купува автомобил од 100 илјади евра, ако 10% од тоа ќе оди во хуманитарни цели. Господа, купите автомобил од 15 илјади евра, па дајте 100% во хуманитарни цели“, порача тој.
Советникот од градот Бања Лука, Драшко Станивуковиќ, изјавил дека со потписите на народот треба да се стави точка на приказната со луксузните автомобили.
„Со овој автомобил-играчка сакавме симболично да укажеме на уште еден проблем, кој не смее да се заборави, дека нашите госпоѓи министерки одат на море во службените автомобили. Не треба да заборавиме дека автомобилите на министрите не се обележани, па често се користат во приватни цели. Оваа акција е против тоа“, изјавил Станивуковиќ.