Активисти: Новиот пакет закони за отпад целосно во корист на крупниот капитал

„Со новиот пакет закони за отпад се предвидени прениски глоби целосно во корист на крупниот капитал, не се осмислени ефективни механизми за контрола врз спроведувањето на легислативата и исполнување на целите, едукацијата не е стратешки инкорпорирана, не е предвидено основање на Зелен фонд, нема никакви мерки за редуцирање на отпадот ниту за централизирано компостирање, нема јасна стратегија за исфрлање на кесите и воведување платнени торби како единствена еколошка опција, ниту има мерки за елиминација на прибор за еднократна употреба во подрачја со висок биодиверзитет“.

Ова се дел од забелешките на иницијативата Охрид SOS и Здружението „Е.Д.Е.Н“, кои поднесоа свои коментари коментари на пакетот од шест предлог-закони за отпад до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) на 25 декември.

Меѓу другото, активистите реагираат дека процесот на консултација со јавноста не бил соодветно спроведен, со потешкотии да се стигне со документото

„Предлог-законите се усогласени со дел од европските директиви, но, не успеваат да одговорат соодветно на клучни прашања како на пример – нема експлицитна забрана за увоз на отпад за секакви намени (дури и како суровина во производствени процеси); глобите се прениски, па дури и поттикнуваат прекршување на законот; нема никаква експлицитна и целосна забрана за употреба на кеси воопшто и нема решеност за целосно преминување на единствената вистински еколошка алтернатива – платнени торби. Во предлог-законите никаде не се спомнува основање Зелен фонд со што, за почеток, би се спречило ненаменско трошење на средствата кои се собираат по основ животна средина, иако овој фонд е суштествена потреба“, реагираат активистите

Понатаму, реагираат дека во постоечките услови механизамот на контрола врз спроведувањето на овие закони е ставен под сомнение. Во Општина Охрид, велат дека има еден државен инспектор и еден овластен инспектор на општината за животна средина, кои сметаат досега се покажале недостојни за вршење на функцијата и тоа кога се работи за случаи во строго заштитени зони и воопшто УНЕСКО подрачјето.

Околу евиденцијата на производителите, операторите, собирачите на отпад итн., како и базата на податоци за отпад, сметаат дека е неопходно да се поврзани во интегрален електронски систем.

„Оценуваме дека со Законот за управување со отпад не се осврнува на компостирањето како начин на обработка на органскиот отпад, нема подетална разработка на овој сегмент, туку само се спомнува дека со законот треба да воспостави рамка за негово поттикнување и регулација и да се вклучи во националните цели. Предлагаме воведување на стандардизирани кеси за комунален отпад како што е практиката во земји со развиен ситем на управување со отпад, кои ќе бидат унифицирани, изработени исклучиво од европски стандардизиран биоразградлив материјал, лесно достапни низ трговската мрежа и обврзувачки за сите создавачи на комунален отпад. За истите да се плаќа соодветен надомест, но не и ДДВ“, соопштуваат активистите.

Со оглед дека со предложените закони за отпад се регулира исклучително деликатна проблематика, а со цел да се осигури соодветна имплементација, сметаат дека е неопходно со нив да се утврди воспоставување систем за редовни и делотворни консултации и обуки на сите засегнати страни. Да се отвори наменска телефонска линија, контроли кај економските оператори и колективните постапувачи, особено во првите неколку години од воведувањето на регулативата согласно со поставените национални цели.

„Глобите во сите закони од пакетот се прениски. Особено за големите претпријатија (крупниот капитал). Нејасна е логиката на мерката што ја предложил предлагачот на законските решенија“, стои во реакцијата.

Исто така, активистите сметаат дека е неопходно сериозно зголемување на казните.

„Зашто сѐ додека на трговецот повеќе му се исплати да плати една или две казни во годината, а да работи противзаконски, тој ќе работи противзаконски на штета на јавниот интерес, а поради хронично несоодветниот инспекциски надзор – нема да биде никако санкциониран“, велат тие.

Се добива впечаток, дополнуваат тие, дека замената на пластичните кеси со биоразградливи е цел сама за себе.

„Со Законот никако не се регулира намалувањето на отпад од пакување од биоразградлива пластика. Биоразградливата пластика не е апсолутно безопасна за животната средина. Биоразградливата пластика EN13432 според категоризацијата на Европската Унија е целосно биоразградлива за даден временски период само под строго дефинирани услови на влага и топлина“, стои ви реакцијата.

Интегрална верзија од коментарите на пакетот-закони за отпад поднесени до МЖСПП може да се најде тука.