Активисти: Не смееме да престанеме да се бориме

„Го сакам ГТЦ“, ајкулите во Вардар, мрежата која се создаде преку Фејсбук за помош на мигрантите во Македонија, Средношколскиот пленум, протестите за Тамара и доделувањето на национална пензија за Вања Лазарова, како и собраните средства за поплавите во Србија и Тетово, се само дел од лекциите по активизам во изминатиот период.

Меѓутоа, она што е заедничко за овие активисти е што започнале како поединци или мала група на луѓе. Тие велат дека најважно од се е да не се заборави на солидарноста.

„Како млади луѓе е многу важно да не се срамите да зборувате за проблемите со коишто се среќавате на дневна основа во вашите локални заедници. Меѓутоа, резултатите доаѓаат некогаш многу тешко, некогаш многу споро и со многу напор, а некогаш воопшто не доаѓаат. Она што не треба да го заборавиме е дека не смееме да престанеме да се бориме„ – ова е дел од обраќањето на активистот Дамир Незири за време на панел дискусијата за „Граѓанска општествена одговорност“, во рамки на Летна МОФ академија, која се одржува во Тетово.

Незири заедно со активистот Филип Јовановски, уметникот Ѓорѓе Јовановиќ, Мерсиха Смаиловиќ од невладината организација која им помага на мигрантите „Легис“, Андреј Битраков од Средношколски пленум и новинарот Огнен Јанески, дискутираа и ги споделија своите искуства.

„Сакавме да ги собереме луѓето и да направиме тие да го бранат со својот жив штит и да не го даваат ГТЦ. Тоа не беше само за одбрана на една зграда, туку тоа што ГТЦ ги обедини сите битки што ги има против проектот Скопје 2014“, вели Јовановски.

Покрај живиот штит околу ГТЦ, друг начин на искажување револт, но овојпат преку уметноста, Ѓорѓи Јовановиќ ги посочи примерите со поставувањето ајкули во Вардар, возниот ред во близина на бродовите, очите на дрвјата и мајмуните поставени на палмите во Велес.

„Гледате како со една мала интервенција можете да создадете слика, односно протест кој понекогаш може да замени еднонеделна акција и ефектот може да биде навистина силен. Вие можете не само да го смените буквално контекстот, туку со мала интервенција да поентирате во испраќањето на некоја важна порака“, смета Јовановиќ.

За актуелната состојба со мигрантите пак, зборуваше Мерсиха Смаиловиќ, која од самиот почеток е со нив на граничните премини и им нуди помош со останатите волонтери. Таа раскажа за потешкотиите и драматичните сцени меѓу полицијата и бегалците, но и за неодговорноста на надлежните институции, иако за овој проблем се алармирало уште поодамна.

Според досегашното искуство, таа објасни дека на мигрантите им се потребни десет дена за да ја напуштат земата, но се постојано мета на криминални банди и криумчари.

„Она што можеме да го направиме е да се солидаризираме. Преку фејсбук групата Help the migrants in Macedonia неколку активисти направија мрежа од луѓе кои сакаат да помогнат преку волонтирање на луѓето кои транзитираат низ земјата. Она што го прават поединци е многу важно. Еден поединец може многу работи да направи. Вие со вашето шише вода кога ќе сретнете бегалец и ќе му ја дадете веќе сте ја смениле сликата за Македонија“, вели Смаиловиќ.

На панел дискусијата неминовен беше и Средношколскиот пленум, кој според Андреј Битраков се основа поради отсуството на слух и лошите реформи во образованието.

„Во отсуство на реакцијата од наставниците и родителите, ние дојдовме до крајна мера, односно дојдовме до степен каде моравме да примениме акција, поточно да се организираме и да ја поведеме таа борба против лошите реформи во нашето образование“.

Средношколскиот пленум се формираше на почетокот на годинава, со две главни барања – укинување на екстерното тестирање и промена на неговиот модел, како и враќање на стариот концепт на државна матура. И покрај тоа што надлежните не ги исполнија нивните барања во целост, Битраков рече дека борбата не престанува овде. Напротив, таа повторно ќе започнела од септември.

Најемотивниот момент од целата дискусија  беше обраќањето на активистот и новинар Огнен Јанески, кој зборуваше за случајот со Тамара, девојчето кое почина чекајќи го решението од Фондот за здравство за да замине на операција во Турција и приказната за заборавената македонска музичка дива Вања Лазарова.

„Секогаш имам измешани чувства кога зборувам за двете акции, бидејќи едната акција заврши успешно, за жена којашто е легендарна за македонската музика и македонската историја и воопшто за корените. Од една страна, секогаш гледам на тоа дека станува збор за жена што сериозно веќе навлегува во 86-тата година, а од друга страна имавме акција што на почеток многу лажно се надевавме дека е успешна, но на крајот се потврди дека не е успешна, а станува збор за единаесетгодишно девојче. Тука ми се јавува проблемот со емоциите, бидејќи можам да зборувам среќно за Вања Лазарова, но од друга страна несреќно за Тамара“, спомена Јанески.

Приказната со Вања започнала сосема случајно, раскажува Јанески, со снимање во еден од скопските пензионерски домови, додека со случајот со Тамара тој лично се поврзал, потсетувајќи го на период од неговото детство кога бил во слична ситуација. На фан страницата за поддршка на Вања Лазарова досега се приклучиле повеќе од 20 илјади, а за Тамара се организираа масовни протести во Велес и Скопје за оставка на министерот за здравство Никола Тодоров.

Тој најави дека се работи и на инцијатива за да се усвои тн. член на Тамара, во Законот за здравствена заштита, каде што сите идни случаи, слични на нејзиниот, ќе можат навремено да се лекуваат.

По седми пат, Младински образовен форум со Летна МОФ академија го одбележува крајот на летото и почетокот на новата учебна година. Осумдесетина средношколци годинава се дел од aкадемијата што се одржува на Попова Шапка од 18 до 23 август, каде имаа можност да се запознаат со начините за активно вклучување во својата средина.