Активисти направија поле за подзаборавена детска игра во Паркот на Франкофонијата  

Во тревата во скопскиот Парк на Франкофонијата, активисти направија поле за „дама“ („плочка“, „клин-плочка“, „школица“) подзаборавена игра која беше доста популарна меѓу постарите генерации на деца.

Играта обично се игра со камчиња, плочки или клинци. Се одредува редослед на играчи, а потоа првиот треба да фрли каменот на полето број 1, по што скока на една нога и стапнува на секое поле, а таму каде што се две –  со двете нозе. Во последното поле се завртува и тргнува назад. На враќање се запира во полето во кое е камчето и додека е на „куцо нога“ треба да се наведне и да го земе. Потоа се враќа до почетокот и продолжува со број 2, 3, 4… Ако згреши (ја стапне линијата или стапне со две нозе) – започнува нов играч.

Во Паркот на Франкофонијата наскоро треба да биде направено уште едно поле за оваа игра.

Фото: Социјални мрежи