Активисти: Национален фонд за животна средина и загадувањето да се третира како безбедносен ризик

Загадувањето на животната средина да се третира како безбедносен ризик за државата, за што ќе се дискутира на Советот за безбедност во декември кај претседателот на државата, Стево Пендаровски. Стратегијата за одбрана Пендаровски да ја врати во постапка со цел во неа да се вметне точка за еколошка безбедност. Исто така, Пендаровски да се заложи да се создаде национален фонд за заштита на животната средина, а во рамки на образовниот систем да се вметнат задолжителен број на часови преку кои учениците ќе ја сфатат важноста од здрава животна средина.

Ова стигна како заклучок по вчерашната средба на Пендаровски и еколошки организации во вилата на Водно, откако здружените активисти пред две недели потпишаа писмо до претседателот, барајќи тој да се вклучи во решавање на загадувањето.

„Претседателот ќе ја застапува идејата за зголемување на државниот буџет за заштита на животната средина со цел да се приближи кон просекот на земјите-членки на ЕУ. Ќе даде и поддршка за создавање на национален фонд за заштита на животната средина“, соопштија од Кабинет на Претседателот.

Истовремено, Кабинетот на претседателот, на барање на граѓанските организации во комуникација со Министерството за животна средина, добил информација дека А-интегрираната дозвола за РЕК Битола ќе биде издадена во текот на декември 2019 година.

Не беше прифатено барањето од организациите да биде ангажирана војската против загадувачите, бидејќи, истакнал Пендаровски, внатрешниот ред во државата е надлежност на полицијата. Тој смета дека армијата веќе придонесува со гаснење на пожари, засадување на садници, расчистување отпад од речни корита и сл.

Меѓу другото, организациите побараа претседателот да ги застапува во правата за чиста животна средина и здрав живот.

„Исто така, локално побаравме прогласување на Шар Планина за национален парк, пред да се исече сета шума и пред да се исушат реките од хидро-мафијата“, рече по средбата Аријанит Џафери од „Еко Герила“.

Дуле Груевски од „Битола сака чист воздух“ потенцираше дека Пендаровски остана последен чекор, кој, иако нема којзнае какви ингеренции, да стане граѓански адвокат пред институциите.

„Доколку и ова не се исполни, ви гарантирам, сигурен сум барем за делот од Битола, а можеби и пошироко, веројатно зборувам во името на сите.. ние ќе настапиме кон граѓанска непослушност. Пред самите избори, ќе излегуваме таму каде не’ почитуваат, и ќе бараме да не излегуваат на избори. Едноставно, да го блокираме целиот овој државен апарат, бидејќи дрскоста на државниот апарат, или дел од државниот апарат, ги преминува сите граници“, рече Груевски.