Aктивисти на Гринпис со параглајдер се спуштија на покривот на Европската централна банка во знак на протест

Активисти на Гринпис изутринава со параглајдер се спуштија на покривот на Европската централна банка, протестирајќи против поддршката што им ја дава институцијата на големи корпоративни загадувачи преку програмите за купување обврзници, пренесува Блумберг.

Акцијата се случи токму кога официјалните лица го започнаа својот дводневен состанок за нови политики. Портпарол на ЕЦБ потврди дека двајца активисти слетале со параглајдер и поставија транспарент на кој пишуваше „Престанете да ги финансирате климатските убијци!“

Протестот доаѓа во пресрет на нивниот нов извештај во кој се открива како правилата со кои се регулираат средствата што приватните банки можат да ги обезбедат на ЕЦБ како залог при позајмување пари, ги фаворизираат компаниите што работат со фосилни горива. Како резултат, ЕЦБ поддржала средства во вредност од околу 300 милијарди евра, во корист на над 60 компании, вклучувајќи ги Шел, Тотал, Ени, ОМВ и Репсол.

Фото: Твитер/Гринпис

Според претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, климатските промени се дел од широк стратешки преглед, бидејќи како што посочи, централната банка се обидува да открие како најдобро може да придонесе во борбата против климатските промени без да го наруши нејзиниот мандат за одржување на стабилните цени.