Активисти на „Гринпис“ поставија маски на статуи во Лондон во знак на протест против аерозагадувањето

Активисти на еколошката организација „Гринпис“ поставија маски на лицата на 17 статуи во Лондон, во знак на протест против огромното загадување. Двајца од нив ја преминале оградата на Парламентот за да стават маска на статуата на Оливер Кромвел, лидерот на парламентарните сили во Англиската граѓанска војна. Тие поставиле маски и на статуите на Винстон Черчил и кралицата Викторија надвор од Бакингемската палата. При нивната акција, четворица биле уапсени.

Една од активистките на „Гринпис“, во изјава за BBC, рече дека работеле на овој план речиси еден месец.

„Ова е за воздухот што сите ние го дишиме. Во Лондон нивото на загаденост е нелегално и опасно“, вели активистката.

Нова студија подготвена од експерти на Кралскиот колеџ во Лондон покажала дека минатата година 9 400 лица починале како резултат на загадувањето на воздухот во Лондон. Во меѓувреме, Кралскиот колеџ за лекари, педијатри и детско здравје во февруари објави извештај кој покажа дека загадувањето на надворешниот воздух придонело за околу 40 000 предвремени смртни случаи, годишно во Велика Британија.

„Гринпис“ соопшти дека протестот има за цел да го нагласи влијанието на аерозагадувањето врз јавното здравје, и да извршат притисок на оној што ќе победи на градоначалничките избори во мај да преземе акција.

Владата, претходно, најави дека планира да го подобри квалитетот на воздухот во градовите во декември, со планови за зони со чист воздух во градовите Бирмингем, Лидс, Нотингем, Дерби и Саутемптон до 2020 година.