Активисти на чадор револуцијата во Хонг Конг ќе ги претставуваат граѓаните во законодавното тело

Две години откако илјадници млади излегоа на улиците на Хонг Конг барајќи промена во политичките структури, нова генерација на продемократски активисти успеа да добие место во законодавното тело на Хонг Конг.

Четири млади радикални активисти кои поддржуваат поголема политичка автономија или комплетна независност од Кина, добија место во 70-члениот легислативен совет на Хонг Конг. За новите членови на советот во неделата гласал рекорден број од 2,2 милиони луѓе.

Меѓу избраните советници се и Нејтан Ло, 23-годишен студент кој неодамна ја формираше партијата Демосисто и еден од водачите на протестите на чадор револуцијата.

„Мислам дека ова е чудо. Сосема е неочекувано, никој не очекуваше ова да се случи. Секој ден и секоја ноќ, нашиот тим со тешка работа и пот го претвори поразот во победа“, изјавил поранешниот студентски лидер, чија сегашна партија повикува на референдум за независност.

Освен Ло, во советот влегоа и Јау Ваи-чинг, кој неодамна ја формирал партијата Youngspiration, и Сикстус Леунг, член на истата партија кој ја поддржува независноста на Хонг Конг од централна Кина.

Сони Шиу-Хинг Ло, автор на весникот Indigenous Democracy, вели дека во поранешната британска колонија се отвора ново поглавје, како што младите и се почесто радикални лидери на протестите ги заменуваат старите членови на мејнстрим продемократското движење.

„Овие избори ја претставуваат генерациската промена во продемократското движење“, вели Ло.

Тој предвидува и дека политиката во полуавтономниот град ќе стане „повозбудлива“, а гласот на младите ќе ги замени „скромните членови на демократското движење како законодавци“.