Активисти и поддржувачи на „За почиста Македонија“ на 1 ноември ќе засукаат ракави и ќе го чистат Расадник

Откако ја исчистија депонијата во шумата кај Мирјанина Црква и притоа собраа над 400 кеси ѓубре, волонтерите и поддржувачите на иницијативата „За почиста Македонија“ сега на 1 ноември организираат нова еко-акција – овој пат во скопската општина Кисела Вода.

„Во Кисела Вода се крие едно од најголемите зеленила во Скопје кое за жал со години е запоставено од институциите и надлежните и преплавено со отпад. Но, не е заборавено од нас! Тука сме заедно со вас да во сабота (1 ноември) да покажеме како треба да изгледа местото. Без ѓубре, со насмеани и вредни луѓе!“, стои во повикот на „За почиста Македонија“.

Еко-акцијата ќе започне во 11 часот, а зборно место е на западната страна на Расадник, 100 метра зад „Get Caffe“, на паркингот по „Quatro Caffe“.

„Опрема за чистење носиме ние. Малку ќе чистиме, малку ќе се дружиме а ќе поиграме и по некоја игра. Се гледаме таму! Не барајте човек за пример, бидете примерот!“, се вели во повикот за еко-акцијата.

Таа е поддржана од „ДМ Македонија“ во рамки на проектот „{Заедно} до зелени идеи“.

Инаку, „За почиста Македонија“ досега има иницирано повеќе акции кај Аквадуктот, скопското Кале, кејот на Вардар, Матка, Марков манастир… а на последната чистка кај Штип учестуваа над 130 доброволци од Штип, Скопје, Куманово, Велес, па и дури некој дојден од Колумбија и Чешка.

Сите заедно ја претворија шумата од депонија во излетничко место за уживање во природа.

Бојан Шашевски