Активисти бараат Дејвид Атенборо да им го препушти неговиот Инстаграм профил за климатски пораки

Млади климатски активисти од целиот свет покренаа кампања со која сакат да го охрабрат Сир Дејвид Атенборо неговиот профил на Истаграм да продолжи да се користи за еколошка едукација.

Откако беше активен шест недели, профилот на Атенборо на оваа социјална мрежа се претвори во „профил – наследство“ и повеќе нема да објавува нови содржини. Иницијаторите на оваа кампања, пак, сакаат да ја искористат неговата голема публика за да ги промовираат гласовите и работата на активистите од целиот свет.

Кампањата е наречена #PassTheMic (подај го микрофонот) и ја поддржуваат преку 300 климатски активисти кои се потпишани на отвореното писмо до Атенборо и неговите продуценти.

94-годишниот Атенборо, препознатлив по бројните документарни филмови за природата, испиша историја на социјалните медиуми откако во септември за само пет часа неговиот профил на Инстаграм достигна милион следбеници. Но, откако достигна 6,1 милион следбеници и 45 милиони видео прегледи, продуцерите кои му го водат профилот, објавија дека нема да објавуваат нови содржини на неговата страница. 27-те содржини кои беа објавени на профилот беа користени за промоција на најновиот документарец „Живот на нашата Планета“.

Зад кампањата #PassTheMic се наоѓаат активисти од разни организации, меѓу кои и „Петоци за иднината“ на Грета Тунберг. Тие сакаат профилот на Атенборо да остане активен и пред својата огромна публика да ги промовира гласовите на најзасегнатите луѓе и места, како и на домородното население.

„За многу домородци и луѓе со различна боја на кожата, социјалните медиуми е платформа преку која ги споделуваат своите приказни, ја подигаат свеста за заканите и се поврзуваат со други луѓе кои ги споделуваат пораките и надежта за промена. Со 6 милиони следбеници на вашата дланка, логично е ваквиот моментум да се продолжи“, објаснува Тори Цуи, активист за климатска правда.

Ваквите иницијативи претходно ги има поддржано и самиот Атенборо. Во интервју со Мајкл Пејлин тој изјави дека „сите сме во ова заедно и мораме да соработуваме. Соработката понекогаш може да значи откажување, како и добивање некои работи“.

„Кога ќе слушнете за Филипини, можеби ќе размислите за катастрофалниот тајфун „Гони“ – најсилниот на Земјата оваа година. Ќе прочитате за стотиците илјади засегнати луѓе, но нема да видите кои сме ние и какви биле нашите искуства, или пак колку жестоко сме се бореле“, објаснува филипинската климатска активистка Мици Џонел Тан.

„Да се добие шанса да бидете слушнати од 6 милиони луѓе е можност која многу од нас во местата кои се засегнати нема никогаш да ја имаат. Тоа е можност за луѓето да сфатат дека не се безгласни. Ние не сме само тажни приказни или статистика која ја гледате на екранот. Ние сме климатски активисти кои имаме лична приказна која треба да се сподели“, додава таа.