Актерката Билјана Беличанец пронајдена мртва

Актерката Билјана Беличанец – Алексиќ синоќа е пронајдена мртва во стан во Скопје, потврдиле од Министерството за внатрешни работи за МИА.

Од МВР велат дека нејзината смрт ја пријавил член на семејството вечерта околу 22.40 часот. Полицијата се уште ги истражува причините за смртта.

Беличанец е родена на 25 јули 1973 во Скопје. Во 1994 година дипломирала како најмлад актер на Факултетот за драмски уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и истата година се вработува во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде претежно игра главни улоги за кои подоцна добива награди и признанија. Од 1997 година беше вработена во Драмски театар – Скопје. Во својата кариера имаше реализирано бројни главни и споредни улоги во повеќе театарски проекти во Драмски театар и други инстутуции и проекти.

Беличанец во својата актерска кариера има добиено повеќе награди меѓу кои и наградата Трајко Чоревски за најдобар млад актер за улогата на Медеја во претставата„ Медеја“ на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ (Прилеп, 1996); Награда за најдобар млад актер на Фестивалот Мали и експериментални сцени (МЕСС), за улогата на Ерика Брукнер во претставата „Мефисто“ (Сараево, 2000); Награда за најдобро актерско остварување за улогата на Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ Прилеп (2009); Награда за најдобро актерско остварување за улогата на Сара во претставата Генетика на кучињата на МТФ „Војдан Чернодрински” (Прилеп, 2012).

Беличанец од 2013 до 2017 година беше градоначалник на скопската општина Кисела Вода.