Актер кој глуми претседател во ТВ серија води на анкетите на претседателските избори во Украина

Актерот и комичар Володомир Зеленски, кој игра улога на претседател во популарна телевизиска серија во Украина се кандидираше и убедливо води на анкетите за претстојните претседателски избори во земјата.

Сепак поддршката за 41-годишниот дебитант во политиката не е доволна за тој да победи во првиот круг на изборите кои ќе се одржат на 31 март и мнозинството гласачи не очекуваат тој да стане украински претседател, покажуваат анкетите на Киевскиот меѓународен институт за социологија (КИИС).

Според истражувањето на јавното мислење, Зеленски ќе добие 20,9% од гласовите, додека актуелниот претседател Петро Порошенко ќе добие 13,7%, додека предводничката на опозицијата, Јулија Тимошенко, е трета со 9,7%.

Зеленски се прослави со тоа што ја игра главната улога во серијата „Слуга на граѓаните“, во која ликот на Василиј Петрович Голобородко од наставник станува претседател на државата. Слоганот на неговата кампања е токму името на телевизиската серија.

На претседателските избори вкупно ќе се натпреваруваат 39 кандидати, а доколку никој од нив не освои 50% од гласовите, во вториот круг кој ќе се одржи на 21 април ќе одат првопласираните двајца.