„Ако случајот Алмир е европско право, земете ги нашите судии кај вас“, порачаа граѓаните на Могерини пред Собранието

Со прашањето „Дали знаете кој е Алмир“ и звук на свирчиња, група граѓани од иницијативата „Правда за Алмир“ пред Собранието ја пречекаа еврокомесарката за безбедност и надворешна политика, Федерика Могерини, која треба да се обрати пред македонските пратеници.

Протестот е поради незадоволството од судскиот процес за смртта на малиот Алмир, во кој првичното обвинение за „убиство со умисла“ беше променето во „тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

„Дојдовме да и кажеме на Могерини и на Хан и на сите европски очи кои се свртени накај Македонија, дека правдата кај нас е мртва. Правдата одамна била мртва но сега воопшто не е направен никаков чекор, иако се трудат ова да го продадат како кристално чиста препорака. И во самиот извештај има укажувања дека треба многу да се работи во судството и тука сме да им покажеме на европјаните дека ние не се согласуваме со вакво право. Ако ова им е такво европско право, тогаш нека ги земат нашите судии и нашите политичари, ние не ги сакаме овде“, изјави Висар Вишка од иницијативата.

„Ќе ја тераме правдата до крај, не само за Алмир, туку и за нашите деца и заради Смилковско Езеро и за многу други наместени случаи кои се случуваат. Алмир е производ на новата власт, не е наследена од претходната. Со ваква селективна правда не одиме никаде“, додаде Вишка.

Судот пресуди шест години затвор за Бобан Илиќ кој пред две години со своето возило го усмрти осумгодишниот Алмир, по претходна расправија со неговиот татко. Во случајот беа осудени и Седат Алиу, Сами Демири и Абдула Алиу за делото „насилство“, кои добија казни затвор од шест до девет месеци.

Од иницијативата „Правда за Алмир“ најавија дека ја чекаат конечната одлука на судот во Куманово по што ќе покренат обвиненија против судии, обвинители и политичари вмешани во судскиот процес.

Даниел Евросимоски