Акција за вдомување бездомни кучиња во Стационарот „Вардариште“

Отворени денови во Стационарот за бездомни животни „Вардариште“, од 4 до 10 октомври ќе организира ЈП „Комунална хигиена“-Скопје.

Настанот е најавен во рамки на Светскиот ден посветен на заштитата на животните – 4 октомври, а Стационарот ќе биде отворен од 9 до 19 часот за сите љубители на животните коишто сакаат да си одберат куче за вдомување.

„Кучињата што ги гледате на фотографиите во моментот се наоѓаат во Стационарот „Вардариште“ и чекаат да бидат вдомени. Овие 60 кучиња се прегледани од страна на ветеринарен доктор, не се агресивни и немаат никакви заболувања. Тие се стерилизирани, прочистени од внатрешни и надворешни паразити и вакцинирани од беснило. Доколку не бидат вдомени, тие ќе бидат вратени на скопските улици. Ги повикуваме љубителите на животни коишто планираат да купат миленик, да го посетат Стационарот „Вардариште“ и да размислат за можноста во својот дом да му понудат љубов и грижа на некое од овие кучиња. На сите заинтересирани граѓани, кучињата им се отстапуваат без паричен надоместок“, информираат од ЈП „Комунална хигиена“-Скопје.