Акција за македонските автори и книги

Издавачката куќа „Феникс“ и Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ покренуваат акција, односно кампања наменета за македонските автори и книги.

„Со оглед на слабата читаност и недостапност на книгите од македонските автори кај пошироката читателска публика од денеска започнува да се реализира проектот под заеднички наслов „Македонски автори и книги“, се вели во денешното соопштение од организаторите на акцијата.

Од Културниот центар „Феникс“ најавуваат дека ќе овозможат промоции на книги на сите заинтересирани автори од Скопје и Македонија, разговори со веќе афирмирани писатели, но и нови и млади литературни творци, курсеви за креативно пишување, како и креативни и едукативни работилници и слично.

„Една од првите активности ќе биде препорачувањето на книгите од македонски автори на стеблата од Градскиот парк и на пофреквентните дрвореди во Скопје, потоа секојдневното препорачување на македонските автори и книги преку Фејсбук на профилот „Македонски автори и книги“, избирањето на највредните дела и составувањето неделни топ листи; во соработка со библиотеките ќе се избираат и наградуваат најдобрите читатели; ќе се организираат мини саеми на книгата на отворено, но и бројни други активности и идеи“, се додава во соопштението.

По кампањата за македонските автори и книги, организаторите на оваа акција најавуваат сличен проект и за македонските сликари и нивните дела, при што посебен акцент ќе биде ставен врз современото ликовно и книжевно творештво кај нас.