Акција во Градскиот парк – Молчењето не е решение за семејното насилство

Со урбана акција во Градскиот парк во Скопје, уметници алармираа за проблемот со семејното насилство во земјава, кој стана поизразен поради карантините во време на пандемија на Ковид 19.

„Семејното насилство е во подем особено во време на кризи, епидемии и пандемии. Најчести жртви на овој тип насилство се жените и децата. Многумина притиснати од кризата, секојдневната пресија и проблеми својот бес и лутината ги истураат на своите најблиски односно на членовите на семејството. Иако Македонија има систем и институции кои успешно се справуваат со овој тип на проблеми жртвите на семејно насилство најчесто одбираат да молчат односно молчат додека не стане предоцна. Идејата на оваа акција е од една страна да се охрабрат жртвите да проговорат и да побараат помош но од друга страна главна цел на акцијата е повеќе да се охрабрат сведоците на ваквите состојби да реагираат наместо да игнорираат и да ја забиваат главата во песок под превезот дека тоа не е нивна работа“, стои во појаснувањето за акцијата.

Според сите светски истражувања најдобрата метода за сузбивање на семејното насилство е раната детекција и навременото реагирање.

Уметниците велат дека тоа е причината што акцијата е поставена во Градскиот парк каде секојднево проаѓаат бројни функционални семејства каде нема семејно насилство, но голем дел од нив биле сведоци на вакви случувања, а никогаш не реагирале.