Акција на „Гринпис“: Мери Попинс со маска протестира против загадувањето во Лондон

Силуета од познатата дадилка Мери Попинс, носејќи маска како заштита од загадувањето леташе над Вестминистерската палата викендов. Тоа е новата акција на еколошката организација „Гринпис“, како еден вид на протест откако загадувањето ги надмина дозволените граници во Велика Британија.

Групата на Твитер напиша: „Само пет дена во 2017 година и Велика Британија ја надмина границата на аерозагадување. Мери Попинс протестира против загадувањето на воздухот“.

Организацијата сака Владата да ја запре продажбата на новите дизел автомобили и да ги поттикнува произведувачите да прават електрични или хибридни возила.

Покрај „Гринпис“, и други организации, но и правни фирми побараа од градоначалникот на Лондон, Садик Кан, да преземе нешто по неговите ветувања на изборите. Тој претходно вети зона со минимални емисии на штетни гасови до 2019 година и дека ќе ги пушти најчистите автобуси во најзагадените патишта.