Акции за чистење низ целата држава по повод Светскиот ден на животната средина

Волонтери на различна возраст денеска учествуваа во повеќе акции за чистење низ целата држава по повод Светскиот ден на животната средина.

Дел од нив, денеска го чистеа Средно Водно, под мотото на проектот „В ЏЕБ, ако нема каде друго!“. Младите волонтери собраа значителна количина отпад фрлен по патот, а помош добија и од вработени во Секторот за зачувување на животната средина на Град Скопје.

Организатор на оваа акција е новото Движење за едукација и унапредување на дијалогот ЛЕАД. Ова е прв проект на оваа невладина организација. Со проектот „В ЏЕБ, ако нема каде друго!“ се предвидени шест вакви акции, во наредните шест месеци, поддржани од програмата Цивика Мобилитас.

Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, спроведе акции со помош на Агенцијата за млади и спорт и Јавните комунални претпријатија на општините, како дел од  националната кампања „Македонија без отпад“.

Се чистеше во Сарај на влезот на езерото Треска, кај новата пречистителна станица за отпадни води, каде беше отстранет несоодветно одложениот отпад. Во Неготино се чистеше околу спортската сала „Младост“, во Кавадарци беше извршено подводно чистење на отпад на Тиквешкото езеро од страна на нуркачкиот клуб Врело, додека во Конче се чистеше отпад на местото викано Ирон Дол во близина на н.м Лубница.

Во акцијата масовно се вклучија и Сојузот на извидници на Македонија, Црвен крст на Република Македонија, колективни постапувачи со отпад и други комерцијали субјекти.

Овие акции имаа за цел да ја развијат свеста кај граѓаните за правилно управување со отпадот.