Академскиот хор „Мирче Ацев“ настапи на турнеја во Шпанија

Академскиот хор „Мирче Ацев“, предводен од диригентката м-р Јасмина Ѓорѓеска, изминатата недела настапи на турнеја во Шпанија, во чии рамки учествуваше на 40-от Меѓународен фестивал на хорското пеење во централна Каталонија.

Хорот, кој е дел од истоименото Академско културно-уметничко друштво основано од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и кој годинава слави 70-годишнина од постоењето заедно со најстариот и најголемиот универзитет во земјава, се претстави со еден целовечерен концерт во местото Кастелбел и Вилар. Хорскиот состав имаше и повеќе други настапи, меѓу кои и во Пуи-Реѓ, место во централна Каталонија со богата културна и хорска традиција.

„Мирче Ацев“ пред бројната публика во шпанската област се представи со избор од својот широк репертоар, составен како од духовни и од композиции инспирирани од македонскиот фолклор и традиција (Скалоски, Прокопиев, Шуплевски, Зографски), така и од модерни хорски дела.

Како што велат од хорот, настапите беа проследени со голем интерес во локалните медиуми, кои ги нарекоа  „спектакуларни концерти“.

Членовите на хорот, кои беа сместени во семејствата на организаторите, покрај музичките активности, имаа можност да ја почувствуваат беспрекорната каталонска гостољубивост и да ги посетат бројните природни и духовни богатства на овој дел од Шпанија.

На фестивалот, кој нема натпреварувачки карактер, учествуваа уште и хорот „Сарингмиг Сингерс“ од Сан Франциско, САД; составен од хористи со потекло од Филипините, како и неколку пејачки ансамбли од околината во која се одржува фестивалот.

Академскиот хор „Мирче Ацев“ на почетокот на јули годинава настапи и на Меѓународниот младински хорски фестивал „Гаврил Музическу“ во Јаши, Романија, од каде се врати со втора награда од стручното жири.

Ж.Н.