„Ајнштајн“: Во Македонија недостасува кадар за препознавање на дислексијата

Дислексијата е состојба која предизвикува потешкотии во читањето и учењето, а во Македонија неретко погрешно се третира или не може да се донесе дијагноза, велат од Здружението за дислексија Ајнштајн. Октомври на глобално ниво е месец за подигање на свеста за оваа појава, а годинава за првпат се одбележува и во земјава.

Непрофитното здружение за дислексија Ајнштајн постои од 2014 година, а негова основна цел е да ја подигне свеста за дислексијата во Македонија. Пресудно за формирање на здружението, вели неговиот претседател Дамјан Николовски,  било непостоењето на било какви информации за оваа тема во Македонија.

„Баравме литература која не ја најдовме. Гледавме и слушавме телевизиски и радио емисии, и повторно ништо не најдовме. Се обративме и до здравствени и образовни институции, но повторно не добивме никаков одговор. На странски портали дознавме дека овој проблем се нарекува дислексија, и дека таа појава во развиените земји се разработува повеќе од 80 години. Така дојде до одлука да се формира здружението, чија цел е да ги обедини сите оние кои се соочуваат со овој проблем и проблемот да се решава генерално за сите“, вели Николовски.

Како што посочуваат од здружението, дислексијата во Македонија е присутна кај дури 10% – 15% од популацијата. Сепак, забележуваат дека многумина не знаат за неа, а неретко се случува и на луѓето со дислексија да им се даде погрешна дијагноза.

Има само две стручни лица кои се бават со дислексијата и работат по признаените DAVID METHOD и AFS METHOD, вели Николовски, кој се надева дека со нивните кампањи ќе успеат да мотивираат поголем број на луѓе да се обучат за препознавање на оваа состојба.

„Во Македонија дијагностицирање на дислексија нема, првенствено затоа што не е болест, а и затоа што на нашата територија е тотално непозната појава. Во развиените земји проценката дали некој има дислексија или не ја врши тим составен од училиштен педагог , психолог и наставник. Кај нас дијагноза за дислексија издаваат Центарот за слух и говор и Заводот за ментално здравје на деца и младинци. Врз која основа не знам, бидејќи таму нема стручни лица за дислексија. Многу често се случува и на дечиња кои немаат или имаат дислексија да им се препише дијагноза проследена со терапија, за која што гласно апелирам дека е тотално непотребна, бескорисна, а многу често и прилично штетна за мозокот на дечињата“, вели Николовски.

Препознавањето и навремената стручна помош е една од најважните работи за децата со дислексија, кои поради оваа „маана“ на некој начин се дискриминирани при процесот на образование и вработување.

Николовски нагласува дека раното препознавање на дислексијата е многу важно поради емоционалниот и социјалниот развој на самото дете и градењето на неговиот карактер. Меѓутоа, додава тој, голем дел од родителите не сакаат да признаат дека детето се соочува со некаков проблем, или пак мислат дека е само мрзеливо.

„Не сум сигурен дали можам да зборувам за дискриминација на децата со дислексија, бидејќи кај голем дел од децата кои ја имаат, таа воопшто не е препознаена и едноставно тоа дете се каратеризира како мрзеливо, незинтересирано, а често и глупаво. Тоа понатаму се одразува на успехот во училиште, а со самото тоа и при запишувањето на факултет, па понатаму и со вработувањето“, вели.

Од здружението велат дека навремената стручна помош многу би помогнала во корекцијата на дислексијата и истакнувањето на дарбите кои таа состојба ги нуди, како и за понатамошен развој на децата без фрустрации.  Велат дека е проблем тоа што дури и кога е препознаена, честопати се случува да наидат отпор кај самите наставници во чии одделенија учат деца со дислексија. Николовски смета дека тоа не е по нивна вина, туку се случува поради тоа што на Педагошкиот факултет воопшто не се споменува оваа појава. Сепак, вели има интерес и желба да им се помогне на овие деца, но се ограничени со тоа што во законската регулатива дислексијата воопшто не се споменува.

И наставниците можат да помогнат со својата безрезервна поддршка и разбирањ, апелираат од Здружението.

„Тоа може да се направи со повеќе усмено испрашување намесно писмено, како и со постојано мотивирање, бидејќи тоа многу значи за нив. Сето тоа треба да биде направено на многу помил и помек начин, наместо со класичната строгост која ја применува наставникот кај децата кои имаат слаб успех на училиште“, советува Николоски.

Самата дислексија носи многу предизвици. Според Николовски, најтешки се одбрамбените механизми кои дислектичарите природно ги создаваат за да можат да се снајдат или извлечат од некоја ситуација, како на пример тестовите на училиште. Многу често се случува детето за време на тестот да поврати, да добие страшна вртоглавица или болки во стомакот. Сето ова не е глума туку е нешто што навистина му се случува на детето, вели тој.

За неговото искуство со дислексијата како дете и процесот на образование не може многу да каже, бидејќи дислексијата кај него била откриена пред околу една година, откако во меѓувреме се запишал на факултет. За себе вели дека во текот на образованието несвесно развил одбрамбени механизми со кои полесно ги поминувал сите препреки со кои се соочувал, и токму поради тоа немал проблем со наставниците.

Со цел граѓаните да се запознаат со дислексијата , од здружението организираат информативни семинари. Следниот семинар „Дислексија, пристап, форми и методи”, ќе се одржи на 7 ноември , во просториите на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје.

Од „ Ајнштајн“ порачуваат дека лицата со дислексија не треба да се обесхрабруваат, бидејќи и личности како Алберт Ајнштајн, Бил Гејтс, Стив Џобс и други.

Стефанија Тенекеџиева