Ајфеловата кула во мрак поради убиените новинари во светот

На барање на Репортери без граници, Ајфеловата кула во Париз синоќа ги изгасна светилките на една минута во пресрет на Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите – 2 ноември.

Претставници на организацијата, која ги штити правата на новинарите, додека беа исклучени светлата одржаа и едноминутен молк во почит на Саудискиот новинар Џамал Кашоги и сите останати новинари од светот за чии убиства уште никој не е казнет.

Кашоги е само еден од вкупно 77 новинари и медиумски работници кои се убиени од почетоков на годинава. 90 проценти од насилството врз новинарите останува неказнето.

„Варварското убиство на Џамал Кашоги покажува дека повеќе не постојат никакви ограничувања во намерната ликвидација на новинарите. Моравме да направиме ваков гест против оваа неиздржлива ситуација, па затоа избравме да ги изгасиме светилките на еден од најсимболичните споменици на светот. Преку затемнување на Ајфеловата кула, оддаваме почит на убиените колеги, додека со враќање на светлата назад сакаме да порачаме на оние кои ги убиваат новинари дека правдата, порано или подоцна, ќе биде обезбедена“, вели Кристоф Делор, генералниот секретар на организацијата.

УНЕСКО го прогласи 2 ноември за Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста на злосторства врз новинари во спомен на француските новинари Клод Верлон и Жислен Дупон, кои беа убиени на 2 ноември 2013 година во Мали.