„Ајде Македонија“: Државата се затрупува со отпад

Асоцијацијата за здрава животна средина „Ајде Македонија“, на Меѓународниот ден на Планетата Земја – 22 април, реагира за лошиот начин на кој Македонија се справува со отпадот.

Соопштението и фотографиите кои ги доставуваат, го пренесуваме во целост во продолжение:

Целта на одбележувањето на „Денот на Планетата Земја” е да се подигне нивото на свесност за зачувување на животната средина. Македонското општество во последно време станува позагрижено за проблемите со животната средина, но допрва треба да се очекуваат фундаментални промени во општествените ставови и однесувањето за да се постигнат поголеми и одржливи подобрувања во справувањето со отпадот.

Затоа, „Ајде Македонија“ ја користи оваа можност да ги информира граѓаните за очајната состојба во која се наоѓа Македонија во справувањето со отпадот и можностите кои постојат доколку поинаку се постапува со отпадот.

Ситуацијата со управувањето со отпадот во Република Македонија се карактеризира пред сè како супстандардна и неефикасна, а системот е попречен од сериозни организациски и технички недостатоци. Тоа резултира со различни дисфункционални системи на национално и општинско ниво и поврзани негативни ефекти врз животната средина и здравјето на луѓето, како што е нестандардно депонирање и фрлање отпад.

Околу 99% од комуналниот отпад во Македонија се депонира и претставува огромна пропуштена можност за зачувување на животната средина, отворање на нови работни места, поефтини суровини за индустријата и приходи за државата во облик на даноци. Затоа, ние бараме имплементирање на правилата кои веќе ги имаме утврдено во нашето законодавство, а тоа се стандардите наведени во Директивата за отпад. Тие се засновани на хиерархијата во управувањето со отпадот, притоа да се работи на спречување на создавањето на отпадот, а доколку ова е невозможно, отпадот да се селектира, реупотреби, рециклира, компостира или да се добие биоенергија.

Во Македонија се евидентирани 54 комунални депонии и стотици нелегални или „диви“ депонии, од кои 16 се со висок ризик по животната средина, 16 со среден и 19 со низок ризик. Дополнително, во земјата има 16 стари еколошки загадени индустриски локалитети кои претставуваат сериозен ризик за луѓето кои живеат во загадени области или во нивна близина.

Затворањето, санирањето и рехабилитација на сите видови на депонии е од големо значање, бидејќи претставува огромен чекор кон намалување на влијанијата врз животната средина во Македонија и апелираме побрзо да се најде политичка волја за решавање на овој проблем.