„Ајде да имаме секс“ – претстава за ставовите и секојдневието на младите

Во клубот „Балет“ на 3 октомври е најавена премиерата на претставата „Ајде да имаме секс“ на младата режисерка Теа Беговска.  Таа е школувана на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА на отсекот за мултимедијална (театарска и филмска) режија во класата на професорите Дејан Пројковски и Сашо Павловски. „Ајде да имаме секс“ е четврт независен проект на Беговска по „Три сестри“, „Тишина“ и „Контрола“. Во кратко интервју за Радио МОФ пред новата премиера, младата режисерка зборува за новиот проект, за театарот и предрасудите.

10573758_10205219411833335_140099738_o

„Ајде да имаме секс“ е нов проект кој деновиве ќе биде прикажан пред јавноста. За каква претстава станува збор и кој беше мотивот за нејзина реализација?

Станува збор за многу искрена претстава, создадена со голема љубов и посветеност. Многу отворена, и многу реална. Мотивот за создавање на една претстава секогаш треба да биде многу јасен, да има многу силен став и пред се да произлегува од нешто што го носи нашето секојдневие. Оваа претстава е секојдневие, ова сум јас, ова се моите актери, ова е мојата генерација.

Како го направивте кастингот и зошто го избравте „Балет“ како локација за премиерата на „Ајде да имаме секс“ ?

10682991_10205219412833360_1180946215_oДо сега сум работела со повеќе од 20 различни актери студенти во различни процеси. Сакам да работам со сите, сакам да ги запознаам сите, и ги следам, ги гледам. Со самото читање на текстот јас ја создавам мојата екипа. За мене е многу важно еден актер, не само да е талентиран и работлив, туку да биде храбар, да знае што сака, а најмногу од се ми е важно неговото разбирање за театарот. Целта на крај е јасна, да излезе добра претстава, а добра е тогаш кога екипата дише заедно со концептот на режисерот.  Во оваа претстава играат многу добри актери, кои за жал како и повеќето од мојата генерација, се анонимус. Зошто? Мислам дека медиумите треба да ги следат и актерите кои излегуваат од алтернативата, а не само тие што се вработени во театар. Сметам дека тие со оваа претстава открија нешто ново, целосно и искрено се впуштија и создадовме дело. Нашата цел е постигната. Бобан Кулески, Владанка Димковска, Талија Настова и Никола Кузелов се новата генерација на актери кои треба да се запознаат. Текстот е на рускиот автор Валентин Краснагоров. Костимите се на Роберт Ивановски, а дизајнот на плакатот е на Ване Костуранов. Претставата ја играме во магичниот клуб Балет, кој не можеш а да не го засакаш. Балет е топол, Балет има свој мирис…толку.

Дали сексот останува табу тема во македонското општество и дали можеби и овој перформанс е обид да се надминат предрасудите?

Ние не сакаме да промениме ништо, ние само го кажуваме нашето мислење, ние само сакаме да ја натераме публиката кога ќе си замине после претставата, пред да заспие, да не спомне и нас, да размисли. Секако дека постојат предрасуди, зарем има нешто за кое во нашето општество не постојат предрасуди?

Ова е ваш четврт независен проект- перформанс по „Три сестри“, „Тишина“ и „Контрола“. Зошто одбравте да работите во независна продукција и колку е тоа тешко во македонски услови?

10683350_10205219410713307_1367996064_oНе одбрав, едноставно си дадов шанса самата на себе. Мора да се работи. Не знам како да го објаснам тоа…мораш сам да си ја дадеш шансата, сам да се бориш. Мене тоа не ми е тешко, немам страв од борба, тоа ме храни. Друг е проблемот кој во последно време се повеќе станува голем. Многу голема завист постои во алтернативната сцена. Наместо да се подржуваме и да се поттикнуваме, да растеме заедно, ние си вртиме грб,  уште пострашно е што воопшто не се ни следиме, не си одиме на премиери.  Најсилниот одговор на зависта и љубомората е работата, создавањето. Да, тешко е многу да се работи…постои ли лесно? Во неколку интервјуа до сега ги повикав љубителите на театарот, да не речам спонзорите кои ќе не подржат макар со еден принт на рекламни материјали.

Потекнувате од уметничко семејство, колку тоа влијаеше врз тоа да го изберете театарот како животна определба и дали претставува своевиден товар или можеби олеснување?

Влијаеше секако, мене се ми е театар. Убаво олеснување е бидејќи имам максимална подршка и мудар совет за секоја работа. Но, тие никогаш не дозволиле да влијаат врз моето креативно изразување во една претстава, а како и сите  мои претстави, и оваа ќе биде за нив изненадување. Ќе ја гледаат прв пат. А на крај нивниот коментар ќе ми значи најмногу од сите.