„Airbnb“ ги крши правилата на ЕУ бидејќи не ги објавува сите трошоци

Компанијата за наем на сместување „Airbnb“ ги прекршила правилата на Европската Унија и доби рок до крајот на летото да направи измени и јасно да ги објави сите трошоци, вклучувјќи ги и дополнителните надоместоци за цените што ги промовира онлајн.

Сервисот за сместување е обвинет од страна на Европската комисија и националните регулатори за изневерување на своите клиенти и правење на истата грешка како многу глобални дигитални фирми за „заборавање на своите одговорности“.

Комесарката за правда и потрошувачи Вера Журова во Брисел изјави дека компанијата има рок до крајот на август да покаже дека направила измени. Во спротивно може да очекува националните регулатори ширум Европа да започнат со координирани акции.

Комесарката истакна дека цените прикажани на оние кои ја користат веб-страница на „Airbnb“ не ги вклучуваат надоместоците и давачките кои подоцна ќе треба да ги плати потрошувачот, вклучувајќи ги и трошоците за чистење.

Веб-страницата јасно не идентификува дали понудата за сместување е направена од „аматерски“ домаќини или професионалци. Прашањето е важно бидејќи големината на правата на потрошувачите се разликува според статусот на сопственикот, како и барањата за здравје и безбедност.

Комесарката вели дека условите на компанијата биле нејасни. Таа, исто така, додава дека компанијата треба да стави крај на својата политика со која се обидува да ги реши поплаките на своите клиенти во судови надвор од земјата во која живее подносителот на приговорот.

Журова, која се жали на недостаток на санкции на ЕУ што се на директно на располагање на Брисел, рече: „Сè повеќе и повеќе потрошувачи го резервираат своето сместување на одмор онлајн и овој сектор донесе многу нови можности за тие што одат на одмор.

„Но, популарноста не може да биде изговор за непридржување кон правилата на потрошувачите на ЕУ. Потрошувачите лесно мора да разберат за што и колку се очекува да платат, и да имаат фер правила, [на пример] за откажување на сместувањето од страна на сопственикот. Очекувам ‘Airbnb’ брзо да ги направи правилните решенија“.

Журова, која е од Чешка, додаде дека комисијата минатата година добила околу 6.000 жалби за вакви услуги, но извршната власт на ЕУ смета дека тоа само еден мал дел од проблемот.

Портпаролот на „Airbnb“ рече: „Ние го сфаќаме ова прашање сериозно и се залагаме да бидеме што е можно потранспарентни за нашата заедница“.

„Гостите се свесни за сите надоместоци, вклучувајќи ги и давачките за услугите и даноците, пред да ја потврдиме нивната одлука за резервација и ние ќе работиме заедно со властите за да ги разјасниме покренатите дилеми“.

Веќе подолго време има загриженост за политиките на компанијата, заедно со се поголемото влијание врз туристичката индустрија и обидите на локалните власти да го ограничат овој тип наеми.

Фирмата од Силиконската долина, со профит од 93 милиони американски долари и обрт од 2.6 милијарди долари во приходите во 2017 година, се соочува со низа парични казни од земјите-членки на ЕУ ако не одговори на предупредувањето на комисијата. Комисијата соопшти дека е подготвена да се сретне со нејзини претставници во септември за да најде прифатливо решение.