„Аигета Гитара Квартет“ вечерва на Охридско лето

„Аигета Гитара Квартет“ од Монте Карло вечерва ќе одржи концерт во црквата „Света Софија“, а во рамки на програмата на фестивалот Охридско лето.

Квартетот го сочинуваат четворица извонредни гитаристи – Франсоа Сони, Александре Дел Фа, Филипе Лоли и Оливер Фотрат, кои повеќе од 30 години настапуваат во најпрестижните сали во Европа.

Подемот на кариерата на „Аигета“ започнува во 1982 година, кога настапуваат со Филхармонискиот оркестар на Монте Карло и оттогаш постојано се присутни на светската музичка сцена. Имаат издадено повеќе компакт-дискови, меѓу кои и еден со дела на познатиот американски џез-музичар и пијанист Бил Еванс, како и еден албум целосно посветен на нивните композиции. Редовни гости се и на некои од најпопуларните интернационални фестивали за гитара. Покрај дела од класичната музика, квартетот често изведува и дела од џез-музиката.

Според најавите, на концертнта програмата ќе бидат дела на Ф. Карули, Ф. Лоли, О. Фотрат, Ж. Бизе, Р. Деланоф, А. Дел Фа. Концертот почнува во 21 часот.