АИ: Жените бегалци се соочуваат со физичко и сексуално насилство низ Европа

Владите и агенциите за помош не успеваат да обезбедат основна заштита за жените бегалци кои патуваат од Сирија и Ирак покажува новото истражување спроведено од страна на организацијата Амнести интернешенел. Истражувањето покажува дека жените и девојки бегалци се соочуваат со насилство, напади, експлоатација и сексуална злоупотреба во секоја фаза на своето патување, вклучувајќи го и патот на европско тло.

Организацијата интервјуирала 40 жени и девојки бегалци во Европа во текот на минатиот месец, кои патувале од Турција во Грција, а потоа низ целиот Балкан. Сите жени изјавиле дека се чувствувале загрозено и небезбедно за време на патувањето. Голем дел од нив посочиле дека во речиси сите земји низ кои минувале доживеале физичко насилство и биле финансиски искористени, како и дека биле под притисок да имаат секс со шверцери, обезбедувањето или други бегалци, се вели во извештајот.

„По преживеаните ужасите на војната во Ирак и Сирија овие жени ризикувале се за да најдат сигурност за себе и за своите деца. Но, од моментот кога ќе почнат со ова патување, тие повторно се изложени на насилство и експлоатација, со мала поддршка и заштита “, вели Хасан Тирана, директор на Амнести интернешенел за одговор на кризи.

Извештајот нотира дека жените кои патувале сами или само со деца, се чувствувале под особено сериозна закана во Унгарија, Хрватска и Грција, каде што биле принудени да спијат до стотици мажи бегалци. Жените во бегалските кампови често се принудени да користат исти бањи со мажите. Спречувањето на насилството е отежнато од недостигот на постојан систем за прием и регистрација на бегалците, сметаат дел од хуманитарните работници.