Агробизнис комора: Да се овозможи примена на дронови во земјоделството

Агробизнисмените бараат да се овозможи законска примена на дронови и други видови современи летала во земјоделството за третирање на производните површини со заштитни средства.

Иницијативата, информираа од Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори, првично била поднесена од неколку субјекти и веќе е доставена до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На денешната прес -конференција, од Комората појаснија дека досегашното пробно користење на дроновите за оваа намена дава одлични резултати и се покажало дека е многу поевтин начин. За споредба, користењето дронови во земјоделството чини четири до пет евра за хектар, додека авионското третирање е околу 40 евра.

Аплицирањето на препаратите со дронови е воедно и исклучително прецизно што ги намалува трошоците и го прави производството многу поевтино, додаваат агробизнисмените.

Минатата година Агенцијата за цивилно воздухоплоство го ограничи движењето на дроновите, а беспилотните летала не може да летаат врз објекти како Владата, Министерството за одбрана, објектите на МВР и АРМ, Собранието, дипломатски преставништва. Нивното користење е забрането и за време на натпревари и протести. Летот на дроновите е ограничен на 500 метри во хоризонтала и 150 метри во височина од местото каде што се управуваат.