Агенцијата „Венера“ од Битола доби забрана за работа

Државниот инспекторат за труд донесе решение за триесетдневна забрана за работа на Агенцијата за посредување при вработување во земјата и странство „Венера’’ од Битола. Од министерството за Труд и социјална политика соопштија и дека ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка

Забраната доаѓа по вонредните инспекциски надзори  во  ,,Венера’’, агенцијата која стотина студенти обвинија дека ги измамила земајќи им ги парите со ветување дека ќе им биде најдена работа во Германија.

Од Министерството за труд и социјала претходно соопштија дека се утврдени неправилности во работењето, но претходните министри не постапиле согласно со наодите од утврдената фактичка состојба.

Студентите тврдат дека агенцијата „Венера Кемаловски“ треба да им врати пари кои ги дале за аплицирање и документација за работа во бутиците „Зара“ и рестораните на „Мекдоналс“, „Бургер Кинг“. Според нив, директорот на агенцијата им ветил дека ќе ги врати парите, но тој останал недостапен за нивните повици.