Агенција за медиуми: Во изборниот процес медиумите да известуваат избалансирано и непристрасно

Неколку политички субјекти – учесници во изборниот процес ја информирале Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) дека одредени медиуми не известуваат за нивните активности од изборната кампања.

Од АВМУ велат дека медиумите треба да обезбедат избалансирано покривање на изборниот процес во согласност со принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи на кандидати за пратеници. Од агенцијата истакнуваат дека овој принцип важи за сите облици на изборно медиумско претставување, освен за платеното политичко рекламирање.

„Потсетуваме дека сите радодифузери што одлучиле да ги покриваат изборите, според Изборниот законик, се должни тоа да го прават на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма. Без оглед на јазикот на кој го емитуваат својот програмски сервис, на учесниците во кампањата треба да им се овозможат еднакви услови за пристап до сите облици на изборно медиумско претставување и платено политичко рекламирање“, соопштуваат од АВМУ.

Агенцијата апелира медиумите да внимаваат при емитувањето изјави со потпалувачки говор или дури и со елементи на говор на омраза. АВМУ смета дека ваквите изјави треба да бидат соодветно контекстуализирани, а медиумите да се оградат од нив.