Агенциите на ОН бараат Владата да ги подобри условите за живот на бегалците

Агенциите на Обединетите нации соопштија дека се загрижени за условите во кои живеат бегалците во транзитните центри и центарот за азил во земјава. Тие бараат од Владата да преземе итни мерки за да ја подобри оваа ситуација, односно на  бегалците и мигрантите да им понуди сместување соодветно за подолгорочен престој.

Во соопштението се укажува дека двата главни центри за сместување, во Гевгелија и на Табановце, не нудат услови за подолг престој , туку се проектирани како транзитни центри.

„Лицата кои престојуваат во речиси празниот камп во Винојуг ги користат креветите на спрат во контејнерите, но во Табановце има недостаток од кревети и мнозинството луѓе кои престојуваат таму спијат на клупи, на подот во колективните засолништа, или надвор во шатори. Немаат приватност. Често снемува струја. Греењето кога надвор студи и ладењето кога надвор е топло се несоодветни. Санитарните услови се примитивни. Слободата на движење е ограничена, што ги принудува луѓето да живеат во услови слични на притвор“, се вели во соопштението.

Реакција има и за условите во центарот во Визбегово за барателите на азил, каде се нотираат проблеми храната, недостиг на топла вода, реквизити и можности за рекреација, како и лош пристап до информации.

Профилирањето на поединци коешто неодамна го спроведе УНХЦР покажа дека жените и децата претставуваат повеќе од две третини од целата група. Меѓу нив има повеќе бремени жени, новороденчиња, самохрани родители, но и лица со попреченост.

„Ваквите тешки услови дополнително го зголемуваат и онака високиот ризик од сексуално и родово насилство, особено каде што неизвесноста, наметнатата неактивност и материјалните ускратувања доведуваат до фрустрација. На жените и девојчињата кои се соочуваат со ризик од експлоатација и трговија со луѓе треба да им се обезбеди дополнителна заштита.“

Во соопштението на Агенциите на ОН се додават и дека се подготвени да обезбедат и техничка и финансиска поддршка за изнаоѓање решенија.

Поради постепеното заострување на критериумите за влез во земјата во февруари 2016 година и конечното затворање на границите од Западниот Балкан за нередовно движење на 7 март 2016, група од околу 1.000 лица остана во државата, без можност да продолжи до својата конечна дестинација. Речиси сите се од Сирија и Авганистан. Во моментов, околу 770 лица се сместени во транзитниот центар Табановце на северната граница, а околу 138 престојуваат во транзитниот центар Винојуг, на јужната граница во Гевгелија. Дополнително, 61 лице е во центарот за баратели на азил во Визбегово, каде што чекаат на одлуки за поднесените барања за азил, а дополнителни 12 ранливи поединци се сместени во куќа за згрижување во Скопје.