Африканската пејачка Уму Сангаре на „Оффест 2018“

Ѕвездата на Мали и добитник на наградата „Греми“, Уму Сангаре на 5 јуни ќе настапува во МОБ на овогодинешниот „Оффест“.

Африканската пејачка на фестивалот е најавена заедно со седумчлен состав. Таа е позната како амбасадор на добра волја на Обединетите нации, добитник е на Интернационалната музичка награда на УНЕСКО и „Artist Award winner“ на WOMEX 2017.

„Пејачка, композитор и посветен активист за правата на жените во родната Мали и низ цела Африка. Родена е во Бамако, Мали, започнувајќи ја својата музичка кариера на рана возраст пеејќи традиционални песни. Таа го сними својот спектакуларен прв албум ‘Moussolou’ на дваесет-годишна возраст. Гласот на Сангаре е радост за душата, возвишен со високите ноти и богатата рапавост. Нејзиниот придонес кон развојот и збогатувањето на музиката, интернационалната музичка соработка и каузата за мир и разбирање помеѓу сите раси и народи е огромен“, велат од „Оффест“.

Стилот на пеење на Сангаре е Васулу, и затоа е позната како „песнопојната птица на Васулу“. Овој популарен музички жанр произлезен од народните традиции во руралниот југозападен дел од Мали.

„Токму тој стил ѝ донесе меѓународен успех и со него продолжува да ја доближува Васулу културата и традицијата до светската публика. Последниот албум ‘Mogoya’, од многумина прогласен за албум на 2017 година, претставува ново, возбудливо поглавје во нејзината кариера“, соопштуваат организаторите.

Инаку, организаторите најавуваат дека билетот за концертот на Уму Сангаре нема да влегува во комплетот за останатите вечери на „Оффест“.