Индустријата за какао не успеа да ја одржи дадената заложба дека ќе го спречи уништувањето на шумите во западна Африка и ќе го елиминира користењето на плодовите од снабдувачки синџири, велат активистите за заштита на животната средина.
Големите компании за производство на чоколадо и владата на Гана и Брегот на Слоновата Коска се се’ уште одговорни за уништувањето на илјадници хектари изминатата година во некогашните места полни со дождовни шуми, и покрај нивните ветувања дека ќе престанат со тие постапки, уште од претходниот ноември, велиат од организацијата „Mighty Earth“.
Лани Гардијан ја истражуваше работата на индустриите за производство на чоколадо. За време на конференцијата на Обединетите Нации за климатски промени во Бон, компаниите за производство на чоколадо ветија дека ќе престанат со несаканите дејствија.
Но, во Гана и Брегот на Слоновата Коска, се’ поголем број дрва се исечени. Сателитски снимки покажуваат многу нови простори каде има значајно уништување на шумите во текот на изминатата година. Во 2018, преку 13,000 хектари се изгубени, еквивалентно на 15,000 спортски игралишта. Властите не успеале да ги спречат, а компаниите се’ уште купуваат какао од производители кои продолжуваат да сечат дождовни шуми, велат од „Mighty Earth“.
Етел Хигонет, вели дека сезоната во која се сечат најголем број на дрва започнува следните неколку недели. „Властите и индустријата за какао треба да ги здружат силите и ресурсите да го решат проблемот веднаш.“, вели Хигонет.
Фармерите кои продолжуваат да сечат дрва, велат дека можат да го продаваат какаото без никакви последици. Какаото, во најголем дел расте на мали површини, поседувани од индивидуални фармери, кои го продаваат на посредници, а оттаму се продава на големите компании. Ова го отежнува процесот на следење на зрната од какао.
Некои фармери веруваат дека на површините без шума се одгледуваат најплодните растенија со какао зрна и не сфаќаат дека резултатот од таа постапка го спречува паѓањето на дождот, што води до полош квалитет на зрната од какао. Повеќе површини без дрвја ги загрозуваат и шимпанзите и слоновите на Брегот на Слоновата Коска. Дел од планот на владата на Брегот на Слоновата Коска е да ги претвори деградираните шуми во агро-шуми, со кои ќе раководат компаниите за какао.
Извршниот директор на „Olam Cacao“, Гери Менли, вели дека „целта е да се потврди развојот на одржливи системи за агркултура, да се обезбеди подобрување на животните можности на земјоделецот и да се овозможи одржлива коегзистенција“.
„Државата има должност да им помогне на малите производители да се професионализираат, наместо да создава стратегија што ќе ги елиминира“, вели Јусуф Думбиа, претседател на OI-REN, организација за заштита на животната средина. „Наместо да се фокусира буџетот кон малите групи претприемачи, оди во големите компании и го осиромашува народот.“