АЕТМ: Кон домашните е-трговци се слеале 215,2 милиони евра

Согласно најновите објавени податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба за период од девет месеци заклучно до 30 септември 2021 година од страна на Народната банка, продолжува трендот на пораст како на вредноста така и на бројот на трансакциите, соопшти Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ).

Во првите девет месеци од 2021 година вкупната вредност на онлајн трансакциите реализирани во земјата и во странство со домашни и странски картички, изнесува 273,2 милиони евра што претставува пораст од 67,9% во однос на истиот период минатата година кога се остварила вредност од 162,7 милиони евра.

„Доколку споредиме со цела 2020 година кога се реализирале трансакции вредни 240,4 милиони евра, за само девет месеци оваа година се реализирала поголема вредност на трансакции за 13,6%. При тоа во првиот квартал годинава остварени се 86,6 милиони евра, во вториот квартал 82,1 милион евра, додека во третиот квартал за првпат е надмината границата од 100 милиони евра, односно остварени се 104,5 милиони евра во онлајн трансакции“, известуваат од Асоцијацијата.

Бројот на направени трансакции во првите три квартали од 2021 година изнесува 10,3 милиони што преставува пораст од 51,1% во однос на бројот на направените трансакции во истиот период минатата година (6,83 милиони трансакции).

Македонците потрошиле 203,1 милиони евра во првите девет месеци од 2021 кон домашни онлајн продавници што претставува 74,3% од вкупната вредност на направени онлајн трансакции.

„Имено, во текот на првите девет месеци од 2021 година Македонците со домашни картички потрошиле 203,1 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 84,5% во однос на истиот период претходната година. Високи 87,2% од вредноста на трансакците кон домашни е-продавници ја остваруваат физичките лица. Вредноста на просечната трансакција оствaрена од Македонците кон домашните е-трговци изнесува 26,2 евра и тоа кај физичките лица 26,9 евра, додека кај правните 22,2 евра“, велат од АЕТМ.

Според Нина Ангеловска, претседателката на АЕТМ, со започнувањето на пандемијата забележано е значајно забрзување на растот во реализирални онлјан трансакции, а позитивно е што трендот на раст продолжува и понатаму.

„Растот во првите 9 месеци од 2021 година во вредноста на онлајн трансакциите изнесува 68%. Можеби уште позначајната промена поттикната од COVID-19 е драстичната промена во структурата на трансакциите. Ако од вкупната вредност пред пандемијата помалку од половина се слеваше кон домашни е-трговци, сега веќе учествуваат со 79% или вкупно 215,2 милиони евра се слеале кон домашни е-трговци во првите девет месеци 2021. Македонците се повеќе купуваат од домашни е-трговци, 95% од вредноста на домашните е-трговци ја реализирале македонски картички (картички издадени од домашните банки)“, изјави Ангеловска.

Дополнително, од АЕТМ истакнуваат дека сттранците кон домашните е-трговци во првите девет месеци од 2021 година направиле промет од 12,1 милиони евра, зголемувајќи го износот на трансакции во однос на истиот период минатата година за 68%.