Аерозагадувањето предизвикува големо намалување на интелигенцијата, открива научна студија

Ново научно истражување покажува дека загадувањето на воздухот предизвикува „големо“ намалување на интелигенцијата, посочувајќи дека штетата од токсичниот воздух не е ограничена само на физичкото, туку и на менталното здравје.

Студијата е направена во Кина, но релевантна е и глобално бидејќи 95% од светската популација дише воздух кој е штетен по здравјето. Истражувањето открива дека високите нивоа на загадување водат кон значителен пад во резултатите од тестирањата по јазични вештини и математика, со просечно назадување кое е еднакво на губење на една година образование во животот на човекот.

„Загадениот воздух може да предизвика сите да изгубат година образование, што е навистина голем пад. Знаеме и дека ефектот е полош за повозрасните, особено за мажите постари од 64 години и оние со пониско ниво на образование. Доколку ги калкулираме загубите за нив, може да се дојде и до неколку загубени години во образование“, вели Џи Чен, од Одделението за јавно здравје на Јејл, кој бил дел од научниот тим.

Претходни истражувања имаа откриено дека аерозагадувањето прави штети на умствените способности на учениците, но ова е прв пат да се набљудуваат луѓе од сите возрасни групи и да се направи споредба помеѓу мажите и жените.

Аерозагадувањето предизвикува седум милиони предвремени смртни случаи секоја година, но, многу помалку е позната штетата што ја причинува врз менталните способности на луѓето. Една неодамнешна студија открила дека токсичниот воздух е поврзан со „екстремно висока смртност“ кај луѓето со ментални нарушувања, а претходни истражувања го поврзувале и со зголемени ментални болести кај децата и со зголемен ризик од деменција кај луѓе кои живеат во близина на патишта со густ сообраќај.

Новата студија, објавена во американското Списание на Националната академија на науките, ги анализира јазичните и математичките вештини на 20.000 лица од Кина во текот на периодот од 2010 до 2014 година. Научниците ги споредувала резултатите од тестирањата со количеството аерозагадување со азот диоксид и сулфур диоксид.