Аерозагадувањето ги преминува сите граници

Аерозагадувањето во Скопје ги премина сите граници. Мерните станици кои работат покажуваат алармантни вредности и над осумпати повисоки од максимално дозволените. Синоќа во Карпош, имаше ПМ10 честици 433 микрограми на метар кубен, мерната станица на Ректорат покажа вредност од 390, во Центар 358.

Онаму каде што мерните станици не работат, во Гази Баба и Лисиче, смогот е видлив и со голо око, воздухот пече, а очите созлзат. Дел од граѓаните почнаа и сами да мерат колку е загадувањето, за да ги натераат властите да преземат мерки. Еко патролата на Скопје смог аларм, синоќа на местото каде е поставена мерната станица на Министерството за животна средина, измери вредност на ПМ10 и уште поопасните ПМ2.5 честички, од над 500 мг/м3. „Ако не можат надлежните, ќе мериме сами!“, порачаа активистите.

Мерните станици во Гази Баба и Лисиче со месеци не мерат ПМ10 честички. Во Гази Баба инструментот не работи од 14 август, во Лисиче од 5 октомври. Надлежните најавуваат дека инструментите ќе бидат сервисирани, но не кажуваат кога. Затоа пак, пак мерните станици Пулс, кои даваат неофицијални податоци што може да видат на страницата „Мој воздух“, и синоќа ги потврдија алармантните вредности на загадувањето во Скопје.

Освен Скопје, сериозен проблем има во Битола, каде мерната станица покажа ПМ10 загадување од 527 мг/м3 или десетпати над дозволеното. Пикот во Струмица беше 539 во вечерните часови, а во Тетово вредноста на ПМ 10 честичките рипна до 227. Во Куманово вредноста на ПМ10 синоќа се искачи до 296, во Кичево 201, Гостивар 317, Кочани 205, Кавадарци 426.

Интервентни мерки за справување со проблемот со заерозагадувањето засега не се предвидени. Има најави за делење заштитни маски на ризичните пациенти, но од Министерството за здравство не прецизираат кога и кому. За интервентни мерки во Скопје пак треба среднодневната концентрација на ПМ10 честички да биде над 200 мг/м3 во два последователни денови, во најмалку две мерни станици во Скопје. Двете мерни станици во Скопје кои покажуваат највисоки вредности на загадувањето, не работат.